ДО 27 АПРИЛ Е ПРОДОЛЖЕН РОКОТ ЗА ДДВ ПРИЈАВИ Управата ги потсетува фирмите да поднесат даночни пријави на време
Управа за јавни приходи (УЈП) до 27 април го продолжува рокот за поднесување даночна пријава за ДДВ.
Управата ги потсетува сите даночни обврзници кои имаат обврска да поднесат даночна пријава за данок на додадена вредност – образец ДДВ-04, дека законскиот рок за поднесување на пријавите за даночните периоди 01.01.2026 – 31.03.2026 година и 01.03.2026 – 31.03.2026 година е 25 април 2026 година. Со оглед на тоа што 25 април 2026 година е неработен ден, крајниот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите се поместува на 27 април 2026 година (понеделник).
Според најновите податоци, од вкупно 42.605 очекувани пријави, досега се поднесени 13.934 ДДВ-04 пријави, што претставува 32,71% од вкупниот број на очекувани месечни и тримесечни ДДВ – 04 пријави.
– Ги охрабруваме сите даночни обврзници да постапат одговорно и навремено да ја исполнат својата законска обврска, како и да ги достават сите потребни документи до своите сметководители со цел навремена, точна и ефикасна обработка на даночните пријави за наведениот период. Со доследно почитување на роковите, даночните обврзници проактивно ги минимизираат ризиците од казни и камати, обезбедуваат континуитет во финансиското планирање и ја зголемуваат предвидливоста во деловните процеси. Истовремено, навременото доставување на точни ДДВ – 04 пријави овозможува поефикасна и побрза обработка од страна на УЈП, со што се намалува административниот товар и се зајакнува усогласеноста со даночните прописи – велат од УЈП.