ВО ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ НАПАДНАТИ НАЈМАЛКУ ТРИ БРОДА Засега нема мртви или повредени
Во два инциденти, цел биле трговски бродови што пловеле под либериско знаме, а во третиот под панамско. Вооружените сили на Иран потврдија дека нападнале три бродови.
Најмалку три брода се нападнати во Ормуската Теснина – објавија британските медиуми повикувајќи се на неименувани извори од британската армија.
Бродот, што пловел под знаме на Либерија, е нападнат на речиси осум наутички милји западно од Иран, додека минувал низ Ормуската Теснина. Бродот не е оштетен, а неговиот екипаж е безбеден.
Британската служба за поморски трговски операции претходно соопшти за два нападнати брода.
Иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) претходно нападна брод што пловел под либериско знаме. Во инцидентот нема повредени членови на екипажот.
Во вториот напад цел бил брод што пловел под панамско знаме. И во овој инцидент нема повредени членови на екипажот.
Вооружените сили на Иран потврдија дека нападнале и онеспособиле три товарни брода во близина на брегот на земјата.
Во соопштението објавено од новинската агенција „Фарс“ се наведува дека Иранскиот корпус на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) го запрела нерегуларниот премин на бродовите низ Ормуската Теснина.
Нападнати се бродовите, „Епаминондас“, што пловел под либериско знаме и патува од Обединетите Арапски Емирати до Индија, бродот „МСЦ Франческа“, што пловел под знаме на Панама и бродот „Еуфорија“, кој според иранските власти е во грчка сопственост.