КРЕАТИВЦИ И ИНОВАТИВЦИ, ПРЕБРОЈТЕ СЕ! Повик за мапирање на македонските социјални претпријатија

На Светскиот ден на креативноста и иновациите – 21 април, од здружението „АРНО“ повикуваат: Ние сме мала земја, ама сме иновативни и сега е време да покажеме што имаме. Ги повикуваме сите кои се идентификуваат како социјално претпријатие да ја пополнат анкетата на „Европскиот монитор за социјални претпријатија“. Помогнете ни да ги поставиме и македонските социјални претпријатија на мапата, со што ќе отвориме пат кон економија во која луѓето и планетата ќе бидат на прво место!

45

На Светскиот ден на креативноста и иновациите – 21 април, здружението „АРНО“ заедно со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Агенцијата за иновации, научно технолошки развој и претприемништво „ИНОВА“, Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, Здружението „Конект“ и Бизнис Импакт Лаб, ги повикуваат сите македонски социјални претприемачи да се приклучат на најважната европска анкета „Европски монитор за социјални претпријатија“ (ESEM). Анкетата е кратка, трае околу 15 минути, а податоците ќе бидат прикажани во компаративен европски извештај. Повеќе информации за пополувањето и пристап до самата анкета има на овој линк.

На Светскиот ден на креативноста и иновациите, здружението АРНО и партнерите потсетуваат дека најголемите иновации не доаѓаат секогаш од лабораториите, туку од потребата да се реши конкретен општествен или еколошки проблем. Социјалните претпријатија се токму тоа – иновативни модели кои „отскокнуваат“ од класичниот бизнис за да понудат решенија таму каде што постоечкиот систем сè уште нема одговор.

– Ние сме мала земја, ама сме иновативни и сега е време да покажеме што имаме. Ги повикуваме сите кои се идентификуваат како социјално претпријатие — здруженија со економски активности, задруги, занаетчии или земјоделци со социјална мисија, фирми со работна интеграција — да ја пополнат анкетата. Ем за да покажеме што имаме од локални примери, ем за да добиеме податоци до каде сме и што следно треба да се преземе во делот на давање соодветна поддршка – изјави Ирина Јаневска од АРНО.

Повеќе за ова прочитајте ТУКА.

Поврзани содржини