РАСКОШЕН КИЛИМ ЈА КРИЕ ТАЈНАТА НА ГРОБОТ НА СВЕТСКИ ПОЗНАТИОТ УМЕТНИК Нема традиционални обележја, а сите знаат чиј е

122

На париските гробишта Сент Женевиев де Буа, среде тишината на гробовите, се издвојува еден кој со својот изглед и симболика раскажува приказна за балетската легенда – Рудолф Нуреев.

Овој гроб не е само надгробна плоча, туку вистинска уметничка инсталација. Го покрива мозаик во облик на ориентален килим, симболизирајќи ја неговата љубов кон луксузот, уметноста и ткаенините кои страсно ги собирал во текот на својот живот.

Фото: Фондација Рудолф Нуреев

Од Сибир до Париз: Патот на Нуреев кон славата

Рудолф Нуреев е роден во 1938 година во мало руско место близу Сибир, во татарско семејство. Неговата љубов кон балетот не се родила случајно. Уште на шестгодишна возраст, откако мајка му го однела на балетска претстава, се заљубил во светот на уметноста на движењето.

Набрзо почнал да игра народни танци, што му била основна вежба, додека татко му бил против неговата страст за танцување. Сепак, поддршката од мајка му му овозможила на Нуреев да му се посвети на својот уметнички повик.

Во Ленинград, Нуреев станал познат во рамките на академијата Ваганова, за до крајот на 1950-тите веќе да биде ѕвезда на Советскиот Сојуз, истакнувајќи се не само со техниката, туку и со оригиналното толкување на класичните балети.

Првото балетско дезертерство

Нуреев во 1961 година добил прилика со балетот „Киров“ да патува на меѓународна турнеја во Париз. Иако советските власти биле против тоа, под притисок на организаторите, на Нуреев му било овозможено да отпатува. Сепак, штом пристигнал во Франција, ја искористил приликата да пребега од земјата, станувајќи првиот уметник кој дезертирал за време на Студената војна. Овој негов потег предизвикал светска сензација и го означил почетокот на неговиот нов живот и кариера.

Иако останал без државјанство, Нуреев набрзо станал меѓународна ѕвезда. Наредните години ги поминал како најистакнат танчер во Кралскиот балет, а потоа соработувал со бројни престижни балетски трупи ширум светот.

Балетскиот подем

Во слободата што ја стекнал, Нуреев доживеал уметнички процут. Неговата работа во Кралскиот балет, соработката со Американскиот балет и со Националниот балет на Канада му изградиле име во врвот на балетската уметност.

Во текот на осумдесетите години станал директор на Балетот на Париската опера, а неговата работа продолжила да се шири. Иако здравјето му се влошувало, уметничката страст и желбата за продолжување на кариерата не му дозволувале да застане. Танцувал и подучувал, менувајќи ја самата суштина на балетот.

Смртта на Нуреев

Во 1984 година му бил дијагностициран вирусот ХИВ, а болеста полека го исцрпувала. Сепак, продолжил да се бори сè додека не починал во 1993 година од компликации предизвикани од СИДА.

Три години по неговата смрт, откриена е гробницата која брзо стана симбол на неговиот живот и уметност. Мозаикот во облик на ориентален килим не бил само декорација – тоа била приказна за љубовта кон уметноста, богатството на културата и патувањата кои ја обликувале неговата судбина.

Без традиционални епитафи, гробот зборува сам за себе, пренесувајќи ја уметничката слобода и страста за животот на Нуреев.

Гробот е дело на италијанскиот сценограф Ецио Фриџерио, кој бил близок пријател на Нуреев и често ги дизајнирал сценографиите за неговите балети.

Дизајнот претставува реплика на еден од омилените ориентални килими на Нуреев. Овие килими тој ги носел со себе на сите турнеи за да се загрева пред настапите, па затоа мозаикот го симболизира неговиот „номадски“ живот.

Во изработката учествувале и архитектот Стефано Паче и мозаичарката Франческа Фабри од познатото студио Akomena од Равена.

Иако изгледа како платно, „килимот“ е изработен од илјадници парчиња стакло и бронза. Користена е традиционална византиска мозаична техника, која овозможува стаклените коцкички (tesserae) да го рефлектираат светлото под различни агли, создавајќи илузија на набори и текстура на вистински материјал.

За изработката биле потребни над 2.000 работни часови и околу 80.000 поединечни елементи.

Семејството Кенеди било опседнато со него

Жаклин Кенеди, вдовицата на убиениот американски претседател Џон Кенеди, имала љубовна афера со Нуреев во време додека била „прва дама“ на САД, тврди Дарвин Портер, автор на книга за семејството Кенеди и за нивните љубовно-сексуални врски.

Според Портер, тој разговарал со американските писатели Труман Кепот и Гор Видал и двајцата пријатели на Жаклин Кенеди и од нив разбрал дека таа била во „врска со Нуреев“ но и дека Русинот бил „уловен“ како во една телефонска говорница, „страствено се бакнува“ со тогашниот сенатор Роберт Кенеди.

Пред смртта во своето последно интервју Нуреев призна дека целото семејство Кенеди, како жените, така и мажите било опседнато од него.

Поврзани содржини