ИЗРАЕЛ ОКУПИРА ДЕЛОВИ ОД ЛИБАН И ОД СИРИЈА, САКА ПОГОЛЕМА ТЕРИТОРИЈА Овој експанзионизам мора да престане, предупреди Фидан
Израел не сака да ја обезбеди својата безбедност, владата на Бенјамин Нетанјаху ја користи безбедноста како изговор за окупирање дополнителна територија, обвини денеска турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан.
Израел ја користи војната на Блискиот Исток како изговор за окупирање дополнителна територија, обвини денеска турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан.
– Израел не сака да ја обезбеди својата безбедност. Израел сака поголема територија. Владата на Бенјамин Нетанјаху ја користи безбедноста како изговор за окупирање дополнителна територија – изјави Фидан на Дипломатскиот форум во Анталија.
Според шефот на турската дипломатија, покрај палестинските територии – Појасот Газа, Западниот Брег, Источен Ерусалим – Израел сега се обидува да ја оствари својата доминација и врз териториите што им припаѓаат на Либан и Сирија.
– Ова е континуирана окупација и експанзионизам. Ова мора да престане – рече Фидан.
Израел, додаде тој, создаде илузија на меѓународно ниво, преправајќи се дека му е потребна само сопствена безбедност.
Фидан изрази жалење што конфликтот на Блискиот Исток ги забавува напорите, вклучително и оние што ги презема Анкара, за прекин на конфликтот во Украина.
– Ова ја турна војната меѓу Русија и Украина во втор план – рече Фидан, повикувајќи на континуирани напори за прекин на војната во Украина, откако ќе се воспостави мир на Блискиот Исток.
Шефот на турската дипломатија веќе го обвини Израел во понеделникот дека сака да ја претвори Турција во свој „нов непријател“, откако израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац ја опиша Турција како „хартиен тигар“.