ИЗГРАДБАТА НА КОРИДОРОТ 8 И ЖЕЛЕЗНИЦАТА ДО БУГАРИЈА СЕ ПРИОРИТЕТ Муцунски учествува на Дипломатскиот форум во Анталија

Македонија, како држава со стратешка позиција на крстопатот меѓу Европа и поширокиот евроазиски простор, има активна улога во унапредувањето на регионалната инфраструктурна и транспортна поврзаност, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

60

Поврзаноста денес претставува клучен елемент за економската отпорност, регионалната стабилност и за одржливиот развој, особено во услови на зголемена геополитичка неизвесност и трансформација на глобалните синџири на снабдување, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на Дипломатскиот форум во Анталија, каде се обрати на панел посветен на новите можности во регионалната и интерконтиненталната поврзаност, на тема „Нови можности за поврзување“

Муцунски нагласи дека Македонија, како држава со стратешка позиција на крстопатот меѓу Европа и поширокиот евроазиски простор, има активна улога во унапредувањето на регионалната инфраструктурна и транспортна поврзаност, информира Министерството за надоврешни работи.

Посебен акцент беше ставен на значењето на Коридорот 8, како еден од клучните источно-западни правци што ја поврзуваат Јадранската и Црноморската област. Министерот нагласи дека неговата целосна доизградба и функционално поврзување со соседните земји претставува стратешки приоритет и ја истакната и важноста на железничкото поврзување со Бугарија како дел од европските транспортни мрежи.

Во контекст на новите глобални иницијативи за диверзификација на транспортните и трговските рути, Муцунски се осврна и на Коридорот 10, нагласувајќи ја улогата на Македонија во европските иницијативи за поврзаност, вклучително и напорите на Европската Унија за развој на одржлива инфраструктура што ги поврзува Западен Балкан, Источна Европа и поширокиот евроазиски простор.

Дополнително, ја истакна подготвеноста на земјата активно да учествува во мултилатерални формати на соработка за надминување на техничките, регулаторните и финансиските бариери. Во таа насока, ја потенцира важноста од засилената координација меѓу владите, меѓународните финансиски институции и приватниот сектор.

Учеството на министерот Муцунски на овој панел ја потврди определбата на Македонија за активна регионална соработка, промоција на инфраструктурни проекти со додадена вредност и придонес кон стабилна, безбедна и економски поврзана Европа, додаваат од МНР.

Поврзани содржини