МАКЕДОНИЈА ЈА ЗАВРШИ КЛУЧНАТА ПРОЦЕНКА ЗА ГАС Чека зелено светло од ЕУ, следуваат нови планови

Министерството соопшти дека е завршена проценката на ризик за снабдување со гас во согласност со европската регулатива. Во следната фаза ќе се изработуваат планови за превенција и кризни состојби со поддршка од Европската комисија.

166

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) соопшти дека е заокружена клучна фаза во јакнење на енергетската безбедност на државава откако успешно се одржала јавна расправа за Проценката на ризик во снабдувањето со гас, во соработка со Заедничкиот истражувачки центар (JRC) на Европската комисија и претставници на домашната гасна индустрија.

Со ова, како што информира денеска МЕРМС, Македонија практично го финализира националниот процес на Проценка на ризик, спроведен целосно во согласност со европската легислатива за сигурност во снабдувањето со гас – чекор што ја позиционира земјава пред повеќето држави од регионот, особено во рамки на членките на Енергетската заедница.

Фото: Принтскрин

Според МЕРСМ, процесот не е само формално усогласување со ЕУ, туку суштинско зајакнување на системот: јасна идентификација на ризици, сценарија за потенцијални прекини и конкретни механизми за реакција. Со тоа, потенцира Министерството, државата гради отпорен и предвидлив енергетски систем, подготвен за кризни ситуации.

Во наредната фаза, Проценката на ризик ќе биде доставена на формално одобрување до Европската комисија и Секретаријатот на Енергетската заедница. Врз основа на нејзините наоди и препораки, ќе следува подготовка на два клучни стратешки документи: Превентивен план и План за кризни состојби. Овие документи како што најавува МЕРМС ќе се изработуваат со директно менторство и техничка поддршка од JRC, што дополнително гарантира квалитет и целосна усогласеност со европските стандарди.

„Со оваа активност, Министерството за енергетика испорачува конкретен резултат: зголемена сигурност во снабдувањето со гас, подобра институционална подготвеност и засилена регионална координација. Во услови на глобална енергетска неизвесност, ова значи стабилност за економијата и сигурност за граѓаните. Министерката Сања Божиновска потенцира дека енергетската безбедност се гради со системски решенија и партнерства со релевантни европски институции – токму како овој процес што ја позиционира Македонија чекор пред регионот“, информира прес-службата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Поврзани содржини