НАМЕСТО ДА БИДЕ ПРИМЕР, ПОЛИЦАЕЦ ГИ ПРЕКРШИЛ СИТЕ ПРАВИЛА Возел со забрана, бил пијан и „летал“ низ Битола
Полицаец од Битола доби кривична пријава откако возел со активна забрана, под дејство на алкохол и со 98 км/ч во населено место. МВР отвори и дисциплинска постапка.
Полициски службеник од Битола се соочува со кривична пријава откако бил затекнат како вози со активна забрана за управување, значително над дозволената брзина и под дејство на алкохол.
Станува збор за Д.М., вработен како полицаец во Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Меџитлија, против кого Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе пријава до Основното јавно обвинителство Битола.
Инцидентот се случил на 1 април 2026 година на улицата 8 Септември во Битола, кога Д.М. надвор од работното време управувал патничко возило „бмв“ во негова сопственост, иако во тој момент имал активна забрана за возење од „Б“ категорија.
При контролата е утврдено дека возел со 98 километри на час во населено место каде дозволената брзина е 50 километри на час. Дополнително, кај него биле измерени 0,73 промили алкохол во крвта.
Од МВР соопштија дека, по насоки од јавен обвинител, возилото е одземено.
Истовремено, против него е поднесен и предлог за отворање дисциплинска постапка, а се изречени и мерки за одземање на службеното оружје и муниција, како и задолжителен психијатриски и психолошки преглед.