ВО УРИНАТА НА СТОЈАНЧЕ ИМАЛО ПРИСУСТВО НА КОКАИН И ДИЈАЗЕПАМ Обдукцијата покажала дека Ивана имала модрици една недела пред смртта

При анализа на крвта кај покојната Ивана не се констатирани никакви наоди на присуство на алкохол, лекови или психоактивни супстанци.

891

Во дополнение на доказната постапка, обвинителката Адела Бојчевиќ ги повика обдуцентите проф. д-р Златко Јaќевски и д-р Ана Ивчева да сведочат кои повреди на жртвата Ивана се од падот, а кои од насилството и дали утврдиле други повреди постари од 2.3.2026 година, денот кога Ивана се самоуби.

Д-р Јаќевски рече дека останува во целост со наодот од обдукциите на телата на Ивана Јовановска и на Катја Јовановска, како и дека оставува во целост и со наодот со телесниот преглед на Стојанче Јовановски.

– Освен повредите од падот кои ги имате констатирано кај Ивана Јовановска, дали констатиравте и други повреди од насилен карактер? – праша обвинителката.

– При обдукцијата на Јовановска во пределот на левата страна од брадата констатиравме три дискретни жолтеникаво кафеникави крвни подливи, кои се округли по форма со димензии од 0,7 на 0,7 сантиметри, а на растојанија од 1 сантиметар, кои укажуваат на динамична тврда сила под притисок и кои се настанати отприлика една седмица пред смртта. Во пределот на десната страна од вратот, под работ на долната вилица констатиравме три дискретни виолетови крвни подливи, со димензии од 0,5 на 0,5 сантиметри кои исто укажуваат на дејство на тапа тврда сила под притисок, а се настанати непосредно пред смртта. Тоа непосредно значи дека повредите се настани истиот ден или ден пред смртта – објасни д-р Јаќевски.

Тој додаде дека при анализа на крвта кај покојната Ивана не се констатирани никакви наоди на присуство на алкохол, лекови или психоактивни супстанци.

– Со анализа на крвта и на урината кај лицето Стојанче Јовановски, во урината е констатирано присуство на кокаин, со концентрации 307,5 нанограми на милилитар, како и бензодијазепини, лекови за смирување, во концентрација поголема од 1.000 нанограми на милилитар. Понатаму, на направената квалитативна анализа на гасна хроматографија со масен спектар во крвта кај Јовановски е констатирано присуство на дијазепам, а во урината нордијазепам и метаболит на кокаин, во фаза на разградување – рече д-р Јаќевски.

Д-р Ана Ивчева повтори дека кај Ивана се констатирани повреди од левата страна од брадата и од десната страна на вратот.

– Тие од левата страна на брадата се од постар датум, крвните подливи на вратот се свежи повреди. Крвните подливи на десната страна од брадата, според изгледот, се настанати со притисок од јагодиците од прстите, од врв на прсти – рече Ивчева.

Одбраната побара да појасни што мисли под свежи повреди, а д-р Ивчева одговори дека се мисли на повреди настанати на денот на настанот или ден претходно.

Судијата Ивица Стефановски праша кога точно се настанати свежите повреди и дали затоа што се настанати од врв на прсти значи дека се од шлаканица.

– Не може со сигурност да кажеме дали се од истиот ден или од еден ден претходно, бидејќи периодот е краток. За два дена крвниот подлив не може да ја промени својата боја. Кога настанува еден крвен подлив, тоа значи раскинување на крвните садови под кожата и настанува излевање на крвта во околното ткиво. Крвниот подлив на кожата се гледа како виолетова или темновиолетова промена. За да се разгради, потребни се неколку дена, па така, за крвниот подлив да премине од виолетова во жолтеникава боја се потребни 3 до 5 дена. Во зависност од локализацијата, големината, силата со која е настанат, подливите се изразени со различен степен на виолетово пребојување. Конкретно, за случајот не може да се направи дистинкција дали подливот под долната вилица од десната страна е со старост од еден или два дена поради тоа што на хемоглобинот му треба подолго од 2-3 дена да почне да се разложува и да ја промени бојата – појасни докторката.

Судијата праша дали свежите повреди може да се настанати 2 до 3 часа пред смртта на Ивана Јовановска, а д-р Ивчева потврди дека може.

Дали смртта на Ивана оневозможила да се појават други подливи од повреди критичниот ден? – праша судијата, а докторката рече „не“.

Завршни зборови се закажани на 28 април.

Поврзани содржини