„АЛКАЛОИД“ ПАК НА ВРВОТ Четврта година по ред најпосакуван работодавач во Македонија

Компанијата го доби признанието врз основа на национално истражување за перцепцијата на работодавачите и истакнува дека луѓето се клучот на нејзиниот успех.

101

„Алкалоид“ АД Скопје повторно ја доби довербата на јавноста и за 2025 година беше прогласен за најпосакуван работодавач во земјава, според анкетата на веб-порталот „Вработување.ком“. Ова е четврта година по ред компанијата да го добива ова признание.

Наградата е доделена во рамки на манифестација организирана од „Вработување.ком“, а се базира на национално истражување за перцепцијата и искуствата на граѓаните поврзани со работодавачите во Македонија.

Од „Алкалоид“ велат дека континуитетот на ова признание за нив има посебно значење, бидејќи, како што посочуваат, ја одразува доследноста во градењето на организациската култура.

– Континуитетот на ова признание за нас има особено значење. Тој зборува за доследноста во начинот на кој ја градиме нашата работна култура – отворена, стабилна и ориентирана спрема луѓето – велат од компанијата.

Оттаму додаваат дека силната организација се темели на вредности, етички стандарди и меѓусебна доверба.

– Во „Алкалоид“ веруваме дека силната организација започнува со здрави вредности, јасни професионални стандарди, високи етички норми и со заемна доверба затоа што успехот на компанијата произлегува од нејзините вработени – истакнаа од компанијата.

Според нив, вработените се клучниот двигател на развојот на „Алкалоид“.

– Луѓето се суштината на сè што правиме. Нивната експертиза, мотивираноста и одговорноста се темелот врз кој се развива нашата компанија, па затоа грижата за нивниот професионален и личен напредок останува еден од нашите клучни стратешки приоритети – велат од „Алкалоид“.

Компанијата најавува дека и во иднина ќе продолжи со вложување во создавање можности за младите кадри и развој на иновативна работна средина.

– Продолжуваме со јасна визија да создаваме можности, да поттикнуваме иновации и да обезбедуваме работна средина во која знаењето и талентот се препознаваат и се вреднуваат – порачуваат од „Алкалоид“.

Поврзани содржини