МЕМОРАНДУМ МЕЃУ САД И ИРАН ПО ПРИМИРЈЕТО ВО ЛИБАН? Додека Бејрут слави, Тел Авив се двоуми

Кревкото примирје постигнато меѓу Либан и Израел донесе позитивни реакции од светските лидери. Истовремено, договорот отвори прашања за поширока деескалација на Блискиот Исток.

430

САД и Иран се блиску до договор и може да потпишаат меморандум за разбирање со рок до конечен договор од 60 дена, пишува Ројтерс. Веста доаѓа во време кога Израел и Либан постигнаа десетдневно примирје.

Бриселски Политико пишува дека претседателот на САД брза за договор со Техеран поради економски притисок. Доналд Трамп, пак, изјави дека Иран се согласил да го одложи збогатувањето ураниум на 20 години, клучен услов во преговорите.

Либанците утринава славеа со истрели на улиците по стапувањето во сила на прекинот на огнот со Израел, додека раселените жители почнаа да се враќаат во своите домови, пишуваат западните медиуми.

Кревкото примирје, иако беше прекршено во раните часови, донесе позитивни реакции од светските лидери. Информацијата доаѓа во време кога, според дипломатски извори, се подготвува нова рунда разговори меѓу САД и Иран.

Но, реакциите во Израел за примирјето се значително поразлични. Многу жители од северот го осудија десетдневниот прекин на огнот.

Локалните власти тврдат дека одлуката ги изненадила. Израелскиот премиер посочи дека војската останува во Јужен Либан сè до целосно разоружување на паравојската Хезболах поддржана од Иран.

Иако договорот стапи на сила на полноќ, тензиите не исчезнаа. Борците на Хезболах испукуваа ракети до самиот почеток на примирјето. Израелското гранатирање продолжило уште кратко време потоа.

Ова укажува дека договорот е чувствителен и лесно нарушлив.

Макрон со поддршка и предупредување

Францускиот претседател Емануел Макрон даде поддршка за договорот. Во исто време, предупреди дека ситуацијата останува кревка.

– Постои ризик прекинот на огнот да биде прекршен – изјави Макрон посред кого Хезболах мора да се разоружа, а Израел да го почитува суверенитетот на Либан.

Во Париз се подготвува и мултилатерална иницијатива за безбедноста во Ормускиот Теснец.

Иран го гледа примирјето како успех

Иран го поздрави примирјето и го оцени како дипломатски успех. Техеран смета дека тоа е резултат на отпорот на Хезболах.

– Ова е дел од пошироко разбирање со САД – изјави портпаролот Есмаил Бакаеи.

Иран се залага за поширок регионален прекин на огнот.

Пакистан, кој посредува меѓу САД и Иран ја поздрави веста за прекинот на огнот во Либан. Премиерот Шехбаз Шариф ги пофали дипломатските напори на САД. Тој ја истакна поддршката за суверенитетот на Либан.

Разговорите меѓу Израел и Либан се одржаа во Вашингтон. Овој процес се смета за значаен чекор кон нормализација на односите.

„Клучен чекор“

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш го поздрави договорот. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен оцени дека примирјето е „олеснување“ по големите загуби.

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта потврди дека поддршката за Либан ќе продолжи.

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани го оцени договорот како „клучен чекор“.

Слични пораки испратија и Обединетите Арапски Емирати, со акцент на спречување на нова ескалација.

Поврзани содржини