„САКААТ ВИСОКИ ПЛАТИ, А ДА НЕ РАБОТАТ“ Мицкоски најави построги критериуми за професорите

Премиерот тврди дека новиот закон носи повисоки стандарди и повеќе работа во академијата, додека критиките ги нарече политички и неосновани.

213

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека противењето на Законот за високо образование не е поврзано со автономијата на универзитетите, туку со страв од воведување построги критериуми за избор во научни и наставни звања.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски посочи дека на вчерашниот настан во Владата, организиран од Министерството за образование и наука, ректорите на државните универзитети дале поддршка за законските измени.

– Сите буквално дадоа поддршка на законот. Тоа е прво – рече премиерот, додавајќи дека критиките од дел од јавноста се, како што оцени, политички мотивирани и засновани на погрешни тврдења за наводно нарушување на автономијата.

Тој нагласи дека суштината на реформите е воведување повисоки стандарди во високото образование, особено во делот на научната работа и професорските обврски.

– Тие во суштина се плашат од новите критериуми за избор во звање – изјави Мицкоски, алудирајќи на противниците на законските измени.

Премиерот се осврна и на состојбата на универзитетите, наведувајќи дека, според него, има пад на меѓународните рангирања, како и недоволна научна продуктивност.

– Една од основните работи што ги бараме е работа. Професорите имаат обврска да предаваат, да работат на проекти и да објавуваат научни трудови – рече тој.

Мицкоски додаде дека Владата веќе ги зголемила платите во високото образование преку колективен договор, но дека тоа мора да биде проследено со поголеми резултати и ангажман.

– Оваа Влада ги покачи платите двојно кај универзитетските работници. Но мора да се работи повеќе, ако сакаме иднина како држава – порача премиерот.

Поврзани содржини