ЗА ДА БИДЕ ЧИСТО, ТРЕБА ДА СЕ ОДНЕСУВААТ СИТЕ ИСТО Масовна акација за чистење на Кисела Вода
Една од најмасовните акции за расчистување на диви депонии од утрово се спроведува на територијата на општина Кисела Вода. Во оваа голема еколошка акција вклучена е силна механизација составена од 11 скипови, 2 багери и 25 камиони со кои се расчистуваат повеќе од десет критични точки.
На терен интензивно работат сезонските работници ангажирани од Општина Кисела Вода. Во координација со екипите на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“. Значајна поддршка дадоа и повеќе општествено одговорни компании кои ја отстапија својата механизација.
– Акцијата опфаќа над десет критични точки на нашата територија. Со нивното расчистување не само што го враќаме убавиот лик на општината, туку пред сè, преземаме конкретен чекор за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните. Отстрануваме огромни количини отпад кој ја загадува почвата и природата во Припор, во Драчево, кај Теферич, кај Охис, кај селото Аџево и на низа други локации – рече градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и се заблагодари до општествено одговорните компании кои се вклучија и ја отстапија својата механизација.
– За да ја задржиме хигиената, неопходна ни е поддршката од сите. Општината е тука, работи интензивно на терен, но само со заедничка грижа и одговорност ќе спречиме повторно создавање на овие грди слики – порача таа.