ТРГУВАЛ СО БАНАНИ И ЈАТКАСТИ ПЛОДОВИ, НО „РАСТУРИЛ“ СО КОКАИН, ХАШИШ, КАНАБИС… Црногорецот Светислав Филиповиќ е нарко-босот уапсен во спектакуларната акција на Европол
Компанијата Спектакулар на Филиповиќ примила дури 139 пратки од Еквадор, Колумбија и Украина од вкупно 16 добавувачи. Имала 25 девизни и тековни сметки во неколку црногорски банки, кои сега се блокирани на вкупен износ од 4.980.815 евра.
Осомничениот нарко-бос, кој беше уапсен во Црна Гора вчера, во голема операција на Европол, во која беа уапесени најмалку 14 лица, а беа запленети околу 4,5 тони наркотици во 12 поединечни операции, е црногорскиот бизнисмен Светислав Филиповиќ (47). Филиповиќ е сопственик и управител на компанијата Спектакулар, која официјално тргува со банани и јаткасти плодови и има повеќемилионски промет, објавија црногоски медиуми.
Според податоците од платформата за анализа на глобалната трговија „Волца“, компанијата примила дури 139 пратки од Еквадор, Колумбија и Украина од вкупно 16 добавувачи.
Директорот на Полициската управа Лазар Шќепановиќ вчера објави дека Филиповиќ е осомничен за продажба на дрога и оружје. Покрај него, кој е осомничен дека бил на чело на балканскиот нарко-картел, се уапсени уште седум лица.
Според Мрежата за истрага на организиран криминал и корупција – Лупа, Филиповиќ е ко-сопственик со 51 процент удел во компанијата Спектакулар д.о.о., основана пред повеќе од 20 години во Подгорица и регистрирана за неспецијализирана трговија на големо. Компанијата имала отворени дури 25 девизни и тековни сметки во неколку црногорски банки. Сите споменати сметки денес се блокирани на вкупен износ од 4.980.815 евра.

Филиповиќ беше уапсен како дел од меѓународната полициска операција со кодно име „Спектакулар“, насочена кон борба против шверцот со дрога и оружје. Операцијата беше спроведена во Црна Гора и Германија со поддршка на Европол.
Според директорот Шќепановиќ, резултатот од операцијата беше запленување на околу 4,5 тони наркотици во 12 поединечни операции.
– Од ова, 2,7 тони кокаин во Боливија, каде што десет лица беа уапсени во операција на крајот од 2024 година, а 1,8 тони разни дроги во Европа – во Белгија, Германија и Црна Гора. Тука се работи за приближно 1,55 тони канабис, 120 килограми хашиш и околу 120 килограми кокаин – рече Шќепановиќ.
Според податоците од Полициската управа, вкупно се приведени 14 осомничени. Седум од нив се уапсени во Црна Гора, а четири лица во Германија. Шќепановиќ објасни дека истрагата имала за цел да разоткрие транснационална криминална мрежа која дејствувала на неколку континенти и била вклучена во шверц на кокаин, канабис и хашиш, како и во трговија со оружје.