ПОЧНА ПРОЦЕСОТ НА ОДГАСУВАЊЕ НА ДЕПОНИЈАТА ВАРДАРИШТЕ Отпадните гасови се собираат од 22 бунари
Паралелно се спроведува и темелно површинско расчистување на локацијата, соопшти Одделението за односи со јавноста на Град Скопје.
Започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште, што претставува значаен чекор кон нејзино целосно затворање и трансформација во современ мега-парк, соопшти Одделението за односи со јавноста на Град Скопје, по бројните реакции на социјалните мрежи дека повторно се издига чад над дивата депонија.
„Во рамки на активностите, мапирани се 22 бунари за собирање на отпадните гасови, од кои ќе се земаат примероци за анализа во сертифицирани лаборатории, со цел утврдување на нивниот состав и количина. Паралелно се спроведува и темелно површинско расчистување на локацијата.
Со реализацијата на овој проект, Вардариште ќе стане зелен простор од околу 300.000 метри квадратни, наменет за рекреација, спорт и подобрување на квалитетот на животната средина.
Проектот предвидува и изградба на нов мост кој ќе ги поврзе општините Гази Баба и Аеродром, со што дополнително ќе се подобри сообраќајната поврзаност во градот“ – се вели во соопштението на Град Скопје.
Според Регионалниот центар за управување со кризи вчера биле регистрирани пожари на две депонии на подрачјето на Скопје. Од 17:30 до 18:40 часот пожарникари интервенирале на запалена депонија кај Вардариште, на улицата „Перо Наков“ во општина Гази Баба. Во акцијата учествувале шест пожарникари со три противпожарни возила, при што пожарот бил изгаснат.
Подоцна во вечерните часови, од 21:00 часот, бил регистриран пожар на депонија во селото Арачиново, во правец кон селото Грушино. Од РЦУК информираат дека во 21:55 часот стапиле во контакт со Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, при што од дежурните служби било посочено дека пожарот во Арачиново е активен веќе околу десет дена.