РУСИЈА МУ НУДИ РЕШЕНИЕ НА ИРАН ЗА УРАНИУМОТ Складирањето може да биде како во 2015 година?
Додека се најавува втора рунда преговори меѓу САД и Иран, Русија предлага да помогне во трансформација и складирање на иранскиот збогатен ураниум, без да го наруши правото на Техеран да го збогатува минералот. Русија веќе имала слична улога во нуклеарниот договор од времето на Барак Обама.
Русија повторно се нуди како посредник во чувствителното прашање за иранскиот збогатен ураниум, во момент кога се засилуваат шпекулациите за нова рунда разговори меѓу САД и Иран.
Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров изјави дека Москва може да помогне во претворање на високо збогатениот ураниум во гориво или материјал за складирање.
– Ова ќе се направи на начини прифатливи за Иран, без да се наруши неговото право на мирно збогатување – изјави Лавров.
Прашањето за залихите на ураниум останува главна пречка во разговорите меѓу Вашингтон и Техеран.
Пауза или целосен прекин на програмата?
Во игра се околу 460 килограми високо збогатен ураниум, за кој се верува дека е складиран под земја. Американските медиуми напишаа дека САД бараат 20 години пауза, додека Иран нуди 5 години паузирање на програмата.
Разговорите во Исламабад донесоа идеја за привремено замрзнување на програмата. Сепак, Доналд Трамп ја отфрли таа опција и инсистира на целосен прекин.

Москва се враќа во стара улога
Русија веќе имала слична улога во нуклеарниот договор од времето на Барак Обама. Москва сега сигнализира дека е подготвена повторно да помогне.
– Ќе ја почитуваме секоја одлука што ќе ја донесе Иран – нагласи Лавров.
Со ова, Русија ја потврдува позицијата дека Иран има право на мирно користење на нуклеарната енергија.
Што предвидуваше нуклеарниот договор од 2015 година?
Идејата на договорот беше Иран да има програма за мирни цели. Иран требаше да го ограничи збогатувањето на ураниум и да прифати строги контроли, во замена за укинување на санкциите. По повлекувањето на САД од договорот во 2018 година, Иран постепено ги намали обврските.
Енергија како геополитичко оружје
По посетата на Кина, Лавров најави дека Русија нуди енергија за земјите погодени од кризата. Затворањето на Ормускиот Теснец веќе создава проблеми со снабдувањето.
Додека Кина е во клинч со САД околу можни санкции, Москва се обидува да ја искористи ситуацијата за да ја зајакне својата улога на глобалниот енергетски пазар.