АВМУ СО РЕАКЦИЈА ПО ИЗЈАВАТА НА ФИЛИПЧЕ Агенцијата предупредува на недозволиво етикетирање на медиуми
Агенцијата предупредува дека дискредитирачката реторика може да ја наруши довербата на јавноста во медиумите.
Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изрази загриженост по изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во која беа изнесени обвинувања за наводна политичка и финансиска зависност на ТВ Алфа.
Од АВМУ посочуваат дека јавното етикетирање и инструментализација на медиумите во политички конфронтации не е во согласност со демократските принципи, ниту со гарантираната слобода на изразување.
„Апсолутно е недозволиво носител на јавна функција да користи дискредитирачка реторика која придонесува кон поларизација во медиумскиот простор и може да ја наруши довербата на јавноста во медиумите“, наведуваат од Агенцијата.
Во реакцијата се нагласува дека доколку постојат сомнежи за евентуални незаконитости или нерегуларности во работењето на медиумите, наместо преку јавни обвинувања или политички квалификации тие треба да се изнесат пред надлежните институции за понатамошно постапување.
Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги повикуваат сите политички субјекти да се придржуваат кон одговорна и конструктивна комуникација и да се воздржат од изјави кои можат да ја нарушат довербата во медиумите или да создадат притисок врз нивното работење.