КАДЕ ИЗЧЕЗНА СИЈАРТО? Едни го виделе во авион што летал кон Африка, други затворен во својата канцеларија
Целата ситуација наликува на политички трилер или на скандал во најава. Приказна за авион што лета кон далечни дестинации. Сомнителни активности зад затворени врати во институциите. Доколку обвинувањата на Маѓар се покажат како точни, ова би можело да прерасне во еден од најголемите политички скандали во поновата унгарска историја.
Во момент кога Унгарија сè уште го „вари“ изборниот пораз на Виктор Орбан, неговиот долгогодишен министер за надворешни работи Петер Сијарто практично исчезна од јавноста. Нема настапи, нема објави, го немаше ни во најкритичниот момент – кога Орбан го призна поразот.
Истовремено, во медиумите се појави мистериозна приказна за воен авион што ја напуштил Унгарија и летал кон Африка и Блискиот Исток. На прв поглед – како сцена од политички трилер. Но, зад таа „авионска“ приказна, се крие многу подлабока драма.
Што барал авионот на Сијарто во северна Африка?
Според повеќе регионални и европски медиуми, авионот што често го користи Сијарто навистина полетал од Унгарија веднаш по изборите. Трасата водела кон северна Африка, во правец на Египет, а потоа и кон регионот на Црвеното Море. Овој лет веднаш отвори лавина шпекулации – дали министерот бега, дали носи чувствителни документи, дали се работи за дипломатска мисија во сенка? Особено што во истиот момент Сијарто целосно исчезна од јавниот простор.
Но, додека вниманието беше насочено кон небото, од Будимпешта почнаа да пристигнуваат сосема поинакви сигнали. Локални медиуми и извори блиски до институциите тврдат дека Сијарто бил виден токму таму – во зградата на Министерството за надворешни работи. Тоа ја превртува целата приказна: авионот е надвор од земјата, но министерот, барем според тие информации, е внатре – во својот кабинет, далеку од очите на јавноста.
Со часови уништувал доверлива документација?!
Во меѓувреме, политичкиот противник Петер Маѓар излезе со директни и тешки обвинувања. Тој тврди дека Сијарто во тие часови бил ангажиран во уништување доверлива документација, поврзана со односите на Унгарија со Русија и со чувствителни прашања околу санкциите на Европската унија. Според Маѓар, информациите доаѓаат од внатрешни извори, а тајмингот – веднаш по изборниот пораз – не е случаен.
Анита Орбан, гласноговорник на партијата Тиса, јавно изнесе обвинувања дека во министерството на Сијарто се уништуваат документи поврзани со санкции и меѓународни договори, во обид да се „исчистат траги” во пресрет на промената на власта.
„Бесмислици“ и „шпекулации“
Унгарското Министерство за надворешни работи остро ги отфрла обвинувањата дека во нивните простории се уништуваат чувствителни документи, оценувајќи ги како „бесмислица“ и „скандалозни шпекулации“. Според официјалната реакција, министерот Сијарто воопшто не бил присутен во канцелариите каде што наводно се случувале спорните активности, ниту пак негови блиски соработници.
Од министерството тврдат дека нема никакво незаконско постапување, туку станува збор за редовна административна пракса. Како што објаснуваат, се отстрануваат исклучиво хартиени копии од документи кои веќе се архивирани во електронска форма, па затоа се сметаат за непотребни.
Сепак, дел од медиумите и опозициските извори изнесуваат спротивни тврдења. Според нив, постојат видео-снимки и фотографии кои покажуваат уништување на поголема количина документи во конкретни канцеларии, што отвора дилема дали навистина станува збор само за рутинско „чистење“ или за нешто посериозно. Токму овие наводи ја подгреваат јавната дебата и ги засилуваат сомнежите.
Покрај „човекот на Лавров“, исчезна и вториот човек од кампањата на Орбан
Овие обвинувања се вклопуваат во поширок контекст на притисок врз Сијарто. Во изминатиот период, тој беше под лупа поради протечени разговори со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, што отвори сомнежи за блискоста на Будимпешта со Москва. Сега, со промената на политичката констелација, тие сомнежи добиваат нова тежина – особено ако навистина постои обид за „чистење” на документи.
Дополнителна мистерија внесува и фактот што вториот човек од кампањата на Орбан, министерот за градежништво Јанош Лазар, исто така исчезна од јавниот радар во ист период. Двајцата беа клучни оперативци во изборната машинерија, што го прави нивното истовремено повлекување уште поинтригантно.
Политички трилер
Целата ситуација наликува на политички трилер или на скандал во најава. Приказна за авион што лета кон далечни дестинации. Сомнителни активности зад затворени врати во институциите. Доколку обвинувањата на Маѓар се покажат како точни, ова би можело да прерасне во еден од најголемите политички скандали во поновата унгарска историја.
Но, засега, официјални потврди за уништување документи нема. Нема ни објаснување за летот на авионот. А Сијарто – иако, според некои извори, физички присутен во Будимпешта – сè уште е политички „невидлив”.