61 МЕРКА ЗА ЕНЕРГЕТСКА НЕЗАВИСНОСТ НА ЗЕМЈАТА Усвоен е Национален план за енергија и клима до 2030 година

Планот содржи 61 мерка во чиј фокус се намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на обновливите извори на енергија и значително подобрување на енергетската ефикасност.

66

Владата го усвои Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030 – стратешки документ што ја поставува државата на јасна патека кон енергетска трансформација, одржлив развој и целосно усогласување со европските политики, информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Планот претставува клучен инструмент за модернизација на енергетскиот сектор и исполнување на обврските од Енергетската заедница и европската регулатива. Тој содржи 61 мерка во чиј фокус се намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на обновливите извори на енергија и значително подобрување на енергетската ефикасност.






– 26 мерки се за декарбонизација, 20 за енергетска ефикасност,3 за енергетска безбедност, 11 за внатрешен пазар на енергија и1 за истражување, иновации и конкурентност – појаснуваат од Министерството.

Оттаму додаваат дека во наредниот период ќе се преземат конкретни чекори за засилени инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, за воведување систем за цена на јаглерод, согласно европските стандарди, развој на складирање на енергија и модерна енергетска инфраструктура, како и за  постепено напуштање на јагленот како енергенс.

– Паралелно, се зајакнува енергетската безбедност преку диверзификација на изворите, регионална соработка и нови интерконекции, како и понатамошна либерализација и интеграција на пазарот на електрична енергија – велат од Министерството.

Планот е резултат на широк и транспарентен процес во кој учествуваа институции, експерти, академската заедница, приватниот сектор и меѓународни партнери. Во неговата подготовка се вградени и препораките на Секретаријатот на Енергетската заедница, како и најновите европски политики.

За документот е спроведена и Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина, која ги анализира ефектите врз воздухот, водите, почвата, биодиверзитетот, климатските промени и здравјето на граѓаните. Извештајот е прифатен од надлежните институции, по спроведени јавни расправи и консултации, вклучително и со соседните држави.

Со имплементацијата на Планот се очекува значително подобрување на квалитетот на животната средина, поголема енергетска стабилност и независност, нов инвестициски циклус во енергетиката, забрзана зелена транзиција и економски развој.

 

Поврзани содржини