1.303 ПРЕКРШОЦИ ЗА ЧЕТИРИ ДЕНА Приведени 57 возачи за безобѕирно возење
Најмногу казни за брзо возење, десетици приведени и одземени возила за време на продолжениот викенд.
Вкупно 1.303 сообраќајни прекршоци се евидентирани за време на продолжениот викенд, а 57 лица биле лишени од слобода поради безобѕирно управување со возило, соопшти Министерство за внатрешни работи.
Најголем дел од прекршоците – 488 – се однесуваат на возачи кои ја пречекориле дозволената брзина. Полициските контроли биле спроведени на патиштата низ целата држава во периодот од 10 до 13 април.
Од приведените лица, шест биле фатени како управуваат возило под дејство на алкохол, 23 возеле без возачка дозвола, додека четири управувале возило и покрај претходно изречена забрана. Во истиот период биле одземени и 22 возила согласно член 300-б од Кривичниот законик.
Според статистиката на полицијата, евидентирани се и 164 прекршоци за неправилно паркирање, како и 26 санкции за возење под дејство на алкохол. Санкционирани биле и 19 мотоциклисти поради неносење заштитен шлем, како и 119 учесници во сообраќајот кои не користеле сигурносен појас.
Дополнително, од сообраќај биле отстранети 20 нерегистрирани возила и уште пет поради техничка неисправност. Казни биле изречени и за 10 возачи поради затемнети стакла спротивно на прописите.
Од полицијата најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила со цел поголема безбедност на патиштата.