АМЕРИКАНСКИТЕ БРОДОВИ ЌЕ БИДАТ ИСПРАТЕНИ НА ДНОТО НА МОРЕТО Иран им се закани на САД поради блокадата на пристаништата
Командантот на Иранската револуционерна гарда изјави дека САД и израелскиот режим на крајот ќе се повлечат од Западна Азија без никакви достигнувања.
Иран упати предупредување до САД дека американските бродови кои ќе се обидат да ги блокираат иранските пристаништа ќе бидат испратени на дното на морето, јавија иранските државни медиуми.
Предупредувањето е одговор на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ги елиминира сите ирански бродови во близина на пристаништата под американска блокада, јави иранската државна телевизија Прес ТВ.
Алаедин Боруџерди, член на иранскиот Комитет за надворешна политика и национална безбедност, ја нарече американската блокада воена пропаганда, изјавувајќи дека ќе бидат потопени сите бродови на американската морнарица кои ќе се обидат да ги блокираат иранските пристаништа.
Тој рече дека САД немаат реална способност да ја спроведат заканата и процени дека другите членки на НАТО нема да го поддржат тој потег.
Командантот на елитните сили Кудс на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), бригадниот генерал Есмаил Кани, изјави дека САД и израелскиот режим на крајот ќе се повлечат од Западна Азија без никакви достигнувања.
– Режимите во Вашингтон и Тел Авив треба да се сетат како побегнаа од Јемен, од теснецот Баб ел-Мандеб и од Црвеното Море. Тие ќе се повлечат од регионот без никакви достигнувања – рече иранскиот генерал Есмаил Кани.