ЗАПОЧНУВА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА Објектот треба да добие нов лик до крајот на 2027 година

Ова е еден од клучните проекти во подготовките на Скопје за носење на престижната титула Европска престолнина на културата 2028 - признание што го става нашиот град на културната мапа на Европа, нагласи градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најавувајќи дека започнале работите за оживување на култниот објект.

83

Конечно, Универзална сала почнува да се гради. По долгите години чекање, симболот на солидарноста и културниот идентитет на Скопје, Универзална сала, повторно оживува, објави вечерва на Фејсбук градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

„Започнува изградбата на објектот кој е сведоштво за духот на градот, за неговата истрајност и љубов кон културата“ истакна тој.






Проектот, како што посочи, ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, а реконструкцијата е предвидено да заврши до декември 2027 година.

„Ова е еден од клучните проекти во подготовките на Скопје за носење на престижната титула Европска престолнина на културата 2028 – признание што го става нашиот град на културната мапа на Европа“, нагласи градоначалникот.

Ѓорѓиевски додаде дека со новиот лик на Универзална сала, Скопје ќе добие современ, функционален и репрезентативен културен храм, место каде ќе се создаваат спомени, ќе се негува уметноста и ќе се слави креативноста.

„Театар, концерти, фестивали и големи културни настани ќе добијат дом достоен за нивната вредност. Универзална сала е симбол на солидарноста по катастрофалниот земјотрес, место каде генерации скопјани ги доживеале своите најубави културни моменти. Нејзиното обновување значи враќање на душата на градот и создавање мост помеѓу минатото и иднината“, нагласи Ѓорѓиевски.

Тој изрази посебна благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за, како што напиша, огромната поддршка и посветеност во реализацијата на овој значаен проект, како и до министерот за култура Зоран Љутков.

„Продолжуваме да градиме, за Скопје какво што го заслужуваме“, нагласи скопскиот градоначалник.

Поврзани содржини