ЕДЕН ПЛАН Е ПРИФАТЛИВ, ТОА НЕ Е ПЛАНОТ НА ИРАН Трамп вели дека веќе се прифатени „точките на САД“

Шефот на САД тврди дека планот кој го прифатиле САД за примирје не е планот од 10 точки предложен од Иран. Трамп претходни изјави дека Иран веќе прифатил дел од условите од американскиот план во 15 точки, кој предвидува демонтажа на нуклеарната програма и регионални ограничувања. Паралелно, најавува нови царини за државите што ќе го снабдуваат Техеран со оружје.

493

Планот за прекин на огнот од 10 точки објавен од Иран не е истиот пакет услови што ги прифатиле САД за паузирање на војната, изјави функционер од Белата куќа, велејќи дека документот што го објавуваат медиумите не е работна рамка.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека луѓе кои немаат врска со преговорите објавуваат „списоци и писма“.






– Во многу случаи, тие се тотални измамници, шарлатани и полошо. Тие брзо ќе бидат разоткриени откако ќе заврши нашата федерална истрага – рече Трамп, додавајќи дека само еден предлог е прифатлив за САД и за него се дискутира зад затворени врати.

 Тој потврди дека Либан не е вклучен во договорот за двонеделен прекин на огнот, на што инсистира Иран.

– Поради Хезболах, Либан не беше вклучен во договорот. И за тоа ќе се погрижиме – рече тој.

Планот од 10 точки на Иран, според објави на иранските медиуми, бара укинување на сите примарни и секундарни санкции врз Иран, продолжување на иранската контрола врз Ормускиот теснец, повлекување на американската војска од Блискиот Исток, крај на нападите врз Иран и неговите сојузници, ослободување на замрзнатите ирански средства и резолуција на Советот за безбедност на ОН со која секој договор станува обврзувачки.

Во верзијата објавена на фарси, Иран ја вклучи и фразата „прифаќање на збогатување“ за својата нуклеарна програма. Но, од причини што остануваат нејасни, таа фраза недостасуваше во англиските верзии што ги споделија иранските дипломати со новинарите.

Трамп претходно изјави дека Иран веќе прифатил голем број услови од неговиот план за примирје во 15 точки, подготвен пред неколку недели. Тој вели дека САД ќе го ископаат сиот ураниум од почвата на Иран.

Тој во друга објава најави зголемени царини за 50 проценти за секоја држава која го снабдува Иран со оружје.

Во меѓувреме израелската телевизија Канал 12 го објави планот на САД, кој пред две недели му беше предаден на Иран преку Пакистан. Телевизијата повикувајќи се на три неименувани извори, наведе дека планот наликува на тој што САД го применуваат во Појасот Газа и во Либан.

Планот на САД за Иран е:

1. Иран да ги демонтира своите нуклеарни капацитети;

2. Иран да се обврзе да не развива нуклеарно оружје;

3. Иран дополнително да не збогатува нуклеарен материјал;

4. Целиот збогатен материјал да биде предаден според распоред утврден од САД, Израел и Иран;

5. Нуклеарните објекти во Натанц, Исфахан и Фордо да се затворат;

6. Меѓународната агенција за атомска енергија да има пристап до сите информации за иранската програма;

7. Иран да се откаже од моделот на дејствување преку прокси групи;

8. Иран да престане да финансира и вооружува прокси групи во регионот;

9. Ормускиот Теснец да остане отворена како слободна поморска зона;

10. Иран да го ограничи бројот и дострелот на своите ракети;

11. Понатамошната употреба на ракети би била дозволена исклучиво за самоодбрана;

12. Сите санкции против Иран би биле укинати;

13. Иран би добил помош во развојот на цивилна нуклеарна програма во нуклеарната централа Бушер;

14. Би била укината заканата за повторно воведување на санкциите;

15. САД и Израел би му помогнале на Иран да развие цивилна нуклеарна програма во Бушер за производство на електрична енергија.

Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и зетот Џаред Кушнер веројатно ќе ги претставуваат САД на разговорите со иранската страна во Исламабад што почнуваат во петок, изјави висок пакистански функционер за агенцијата Анадолија.
Двонеделното примирје меѓу САД и Иран беше постигнато со посредништво на Пакистан.
Поврзани содржини