АЦО РИСТОВ Е НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕГУЛАТОРНА Собранието го избра со 68 гласа

628

Собранието, попладнево, во рамките на 97. седница, со 68 гласа „за“ и 15 „против“ го избра Ацо Ристов за претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

– Ацо Ристов е дипломиран електроинженер со долгогодишно работно и проектно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи. Искусен менаџер со докажана експертиза во управување со комплексни градежни, енергетски и индустриски проекти, вклучително хидроелектрани, електроенергетски системи, пречистителни станици, пумпни системи и индустриска инфраструктура. Поседува силни компетенции во проектен менаџмент, техничка координација, надзор и стратешко планирање. Ристов е член на Комората на овластените архитекти и овластените инженери на Македонија со овластување А за проектирање, надзор и изведба на објекти од прва категорија – наведе Комисијата за прашања на изборите и именувањата во предлог-одлуката за именување на Ристов, што ја усвои на 17 минатиот месец.






Во текот на расправата пратенците од опозицијата оценија дека ВМРО-ДПМНЕ предложиле партиски кадар за претседател на РКЕ, а тие од власта посочија дека Ристов ги исполнува условите и оти со своето искуство, знаење и авторитет заслужува да биде на позицијата.

Амар Мециновиќ од Левица оцени дека Ристов не може да биде независен во раководењето на РКЕ затоа што, како што посочи, е близок соработник на премиерот.

Тој најави дека ќе го оспори назначувањето на Ристов со формална претставка до Европската енергетска заедница затоа што „ги нарушува критериумите на ЕЕЗ и не е независен туку директно политички кадар на ВМРО-ДПМНЕ“.

Митко Трајчулевски од СДСМ посочи дека Ристов е поранешен градоначалник и оти доаѓа од бизнис секторот како сопственик на мали хидроцентрали од што се откажува пред да конкурира за позицијата во РКЕ.

– Освен формално правни работи треба да имаме и етика и морал, зад него секогаш ќе стои сенката на поврзаност со бизнис интереси. Назначувањето ќе отвори сериозни дилеми и загриженост и кај нашите меѓународни партнери и ЕЕЗ – рече Трајчулевски.

Во реплика, Бојан Стојановски од ВМРО-ДПНЕ, повика да се зборува со факти и оти ставовите на СДСМ не се во насока на тоа дали кандидатот е квалитетен или не. Истакна дека претседателот на РКЕ се бира исклучиво според Законот за енергетика и оти Ристов  ги исполнува сите можни услови што се наведени во законот.

– Ристов и тоа како заслужува да биде претседател на РКЕ, има три децении искуство, има знаење, докажан е во работењето и има општествен авторитет. Предлагаме лица кои се квалитетни и со соодветно образование и ги исполнуваат условите од законот – рече Стојановски.

Поранешниот претседател на РКЕ Марко Бислимовски поднесе оставка од функцијата на 12 февруари годинава.

Поврзани содржини