ПАПАТА ГИ ОСУДИ ЗАКАНИТЕ НА ТРАМП КОН ИРАН „Тотално се неприфатливи“
Папата ги оцени заканите кон Иран како „тотално неприфатливи“ и предупреди дека нападите врз цивили се спротивни на меѓународното право. Тој повика на мир, дијалог и запирање на ескалацијата.
Папата Лав XIV остро ги осуди заканите на Доналд Трамп кон Иран, оценувајќи ги како „тотално неприфатливи“ и опасни за човештвото. Неговата реакција доаѓа по драматичните изјави на американскиот претседател дека „вечерва ќе умре една цивилизација“.
– Секако, постојат прашања од меѓународното право, но повеќе од тоа. Ова е морално прашање, за доброто на човештвото како целина – изјави Папата.
Тој порача дека заканите не се решение и предупреди дека реториката води кон дополнителна ескалација.
Папата ја повтори пораката од велигденската миса.
– Секогаш да бараме мир, а не насилство. Да ја отфрлиме војната – порача тој.
Според него, конфликтот не носи решенија туку само продлабочува страдања и поделби.
– Тоа е знак на омраза, поделба и уништување.
Тој предупреди дека нападите врз цивилна инфраструктура се спротивни на меѓународното право. Првиот човек на Ватикан повика на заштита на најранливите.
Папата апелираше за враќање на преговорите меѓу САД и Иран и ги повика граѓаните ширум светот да вршат притисок врз политичарите.