МАКЕДОНИЈА Е ПРВА ЗЕМЈА ОД ЕВРОПА ШТО ИМА ВАКОВ СТРАТЕШКИ ДИЈАЛОГ СО САД Се очекува голем напредок во неколку области
Премиерот Мицкоски најави дека руда антимон ќе се експлоатира во паланечкото село Луке и ќе се преработува во Оклахома, САД.
Македонија е првата земја од Европа која има ваков стратешки дијалог со САД, со оваа администрација, рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање што очекува од стратешкиот дијалог во САД каде има денес македонска делегација.
– Исклучително високо ниво. Теми кои ќе бидат опфатени се дигиталната трансформација, вештачката интелигенција, апликациите и имплементацијата, билатералната соработка, енергетиката, инфраструктурата која ја градиме и во која силно инвестираме. Потоа одбранбената индустрија, соработката во овој дел. Тоа се неколку области во кои што очекуваме да се постигне голем напредок. Истовремено да се промовира една инвестиција во значаен производен објект. Тоа е рудата антимон која ќе се експлоатира во паланечкото село Луке. Редок минерал, што може за нашата економија да значи многу – рече Мицкоски.
Премиерот рече дека истрагите таму се при крај и очекува многу скоро тоа да биде започнато.
– Ќе се извезува во САД. Од инвеститорите ја добив информацијата дека топилницата би се градела во Оклахома во САД, тоа е еден заокружен циклус. Нешто кое што е многу важно за Македонија како држава и за нас како граѓани – рече Мицкоски.
Втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави ќе се одржи денеска во Вашингтон, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Одржувањето на втората сесија од Стратешкиот дијалог се случува по пауза од четири години, а на неа ќе присуствува висока владина делегација предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Заедно со него, на настанот ќе учествуваат и министрите за внатрешни работи Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и министерката за енергетика Сања Божиновска.
„Стратешкиот дијалог претставува значајна платформа за продлабочување на билатералната соработка и унапредување на партнерството со САД, со фокус на клучни области од заемен интерес, вклучително одбраната и безбендоста, кибербезбедноста и технолошката соработка, економијата, трговијата и енергетиката, како и заедничката борба против транснационалните закани на граничната безбедност“, соопшти МНР.