ГО СТАВИЛ ЗА УПРАВИТЕЛ ЗА ДА НЕ ЈА ИЗГУБИ ЛИЦЕНЦАТА ЗА „ПУЛС“ На лекар дознал дека нема соодветно здравствено осигурување

Александар бил пријавен како управител без соодветно здравствено осигурување, а за тоа дознал кога се повредил и кога отишол на лекар.

345

Александар Карадаковски, кој загина во пожарот во дискотеката „Пулс“, се нафатил да биде управител на фирмата „МММ кафе“ ДООЕЛ за да не му пропадне лиценцата на Дејан Јованов Деко, првообвинет во случајот.

Денеска сведочеше таткото на Александар, Наско Карадаковски, кој рече дека син му се вратил од Скопје во Кочани зашто бил пријател со Михајло, синот на Деко. Тој рече дека Александар бил пријавен како управител без соодветно здравствено осигурување, а за тоа дознал кога се повредил и кога отишол на лекар.






Александар од 2018 година работел во кафулето „Класик“ во Кочани. За првпат бил пријавен како редовно вработен таму во 2021 година. Кога татко му дознал дека нема здравствено, го посоветувал да се пријави во Агенцијата за вработување, но синот му рекол дека не може зашто е пријавен како управител.

Таткото почнал да го прашува зошто е управител, на што Александар му рекол дека Деко го замолил зашто „немал кого да постави, за да не му пропадне лиценцата“, па него го пријавил.

– Тогаш многу ме изненади. Го прашав дали знае кои се одговорностите на еден управител, дали знае и дали оди во банка и води сметководство, ми рече „Не, тоа си го прават Деко и Михајло“. Мене веќе почна да ме фаќа паника и му реков да оди кај Деко и да го среди тоа. Ми рече имале уште две-три рати од кредитот, па ќе средат, но ништо од тоа – рече сведокот.

Таткото рече дека кога си дошол од Германија, каде што работел, му рекол на Александар дека тој ќе разговара со Деко и ќе се расправа.

– Ме замоли да не правам глупости и прифатив. Тогаш ми рече, Михајло толку многу се има искарано за тоа со татко му, дури и се иселил од дома. И тогаш подлегнав на неговата молба, но му дадов број од адвокат да се консултира тоа да го заврши без Деко. Рече се консултирал, да поминат празниците, ќе виделе што може, што не може – рече сведокот.

Прашан како реагирал Александар на тоа, сведокот рече дека бил многу нервозен тој период.

– Јас му вршев голем притисок, дури не сакаше да зборува за тоа и се нервираше многу, зошто беше свесен дека може да има големи давачки и долгови кон доверители и фирми. Тој период веќе и имаше одбивност да оди на работа – рече сведокот.

Прашан дали Александар имал проблеми со контроли и даночни пријави, сведокот рече дека немал такво нешто и дека никогаш не се пожалил за тоа.

Александар цело време работел во кафулето „Класик“ во Кочани. Никогаш не одел на работа во дискотеката „Пулс“.

Таткото рече дека Александар никогаш не бил сопственик иако во обвинението се воде како сопственик и управител.

Тој потврди дека синот спомнал дека се вршело реновирање во „Пулс“ во 2024 година.

– Тогаш бил повикан да помогне за некои физички активности во „Пулс“ за некои градежни работи, добил повреда и отишол на лекар – рече сведокот.

На прашање на бранителот на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко дали Александар работел во фирма кај Деко или кај Михајло, сведокот рече дека Александар рекол дека работел кај Михајло и дека тој не знае кој е сопственик на фирмата.

Адвокатката Ивана Коцевска побара од судот да не го прифати исказот на сведокот зашто, како што рече, изнел целосно контрадикторни искази во однос на фактичките докази.

Адвокатот Јовица Страшевски реагира дека повикуваат сведоци и поставуваат прашања што се надвор од обвинението.

– Каков е односот меѓу сведокот и сега покојниот син, не придонесе со ништо кон овој кривично-правен настан. Барам да му укажете на Обвинителството дека со ваквиот начин само се одолжува постапката, а ништо не придонесуваме кон расчистување на обвинението – рече адвокатот Страшевски.

Вториот сведок за денешното рочиште, иако уредно повикан, не се појави во судница. Јавниот обвинител информира дека нема добиено известување дали отсуството е оправдано или не, на што судот реагира дека доколку сведокот не се појави на следното рочиште, ќе мора да издаде налог за спровод.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевски и се наоѓа во фаза на доказна постапка и продолжува со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Поврзани содржини