📽️ 6 НАУТРО, СРПСКА ГРАНИЦА, ЌЕ ГО ПРОВЕРИМЕ ГАСОВОДОТ Орбан лично тргна да ја проверува состојбата

Пронајден експлозив во близина на гасоводот што ги поврзува Србија и Унгарија предизвика политички реакции и засилени мерки за безбедност.

617

Последната недела од изборната кампања во Унгарија беше засенета од безбедносен инцидент поврзан со гасоводот што ја поврзува земјата со Србија. Претседателот Александар Вучиќ соопшти дека во близина на трасата е пронајдена поголема количина експлозив, што предизвика реакции во двете држави.

Независни унгарски новинари посочуваат дека веќе извесно време се дискутира за можноста надворешни фактори да се обидат да влијаат врз изборниот процес. Дел од медиумите во Унгарија наведуваат дека безбедносни експерти претходно предупредиле на потенцијална операција под лажно знаме насочена кон критична инфраструктура од унгарски интерес.






По објавата, премиерот Виктор Орбан свика итен состанок на Советот за одбрана, по што беше одлучено да се засили обезбедувањето на делот од гасоводот Турски тек што минува низ унгарска територија. Орбан изјави дека во инцидентот нема повредени и дека бил спречен можен акт на саботажа.

Во видео објавено на неговиот профил на Фејсбук, Орбан му се заблагодари на Вучиќ за, како што рече, брзиот одговор. Следниот ден, тој повторно се огласи со порака дека заминува кон унгарско-српската граница за да ја провери состојбата на терен.

– Велигденски понеделник, 6 часот наутро. Наместо да полеваме, одиме на унгарско-српската граница. Вчера се обидоа да го дигнат во воздух гасоводот од српска страна. Проверуваме дали сè е во ред од унгарска страна. Ќе известувам во живо за развојот на настаните – рече Орбан.

Во меѓувреме, опозицијата во Унгарија реагираше обвинувајќи дека станува збор за политички потег поврзан со изборната кампања, тврдејќи дека инцидентот се користи за мобилизација на гласачите.

Премиерот Орбан по обиколката на почетокот на унгарскиот дел од гасоводот „Турски тек“ во Кишкундорошма, во областа Сегедин, изјави дека ситуацијата е исклучително сериозна и дека засега снабдувањето со гас на Унгарија не е загрозено, но дека треба да се биде многу внимателен.

– Ситуацијата е исклучително сериозна. Претходно разговаравме за нафтата, бевме под блокада. Ќе го надоместиме тоа од друго место, но гасоводот е уште поголема артерија – рече Орбан на прес-конференција во Кишкундорошма, каде што е зголемена воената заштита на унгарскиот дел од „Турски тек“ и каде што врши инспекција на инфраструктурата откако вчера беа пронајдени експлозиви на српскиот дел од гасоводот, пренесува „Маѓар немзет“.

Тој потсети дека гасоводот веќе бил блокиран претходно поради што е и изграден „Турски тек“.

– Моментно сме под украинска гасна блокада, но можеме да ја надоместиме загубата од југ. Ако таа папочна врвца се пресече, унгарската економија ќе престане – рече унгарскиот премиер.

Како што истакна, „засега, снабдувањето со гас за Унгарија не е загрозено, но мора да бидеме многу внимателни“.

Поврзани содржини