ШЕФОТ НА ГЕРМАНСКАТА ДИПЛОМАТИЈА БАРА ДА СЕ УКИНЕ ВЕТОТО ВО ЕУ Решението е одлучување со квалификувано мнозинство

472

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул повика Европската унија што поскоро да се откаже од принципот на едногласност во надворешната и безбедносната политика. Според него, блокадите од поединечни земји-членки ја загрозуваат способноста на ЕУ да реагира брзо во кризни ситуации и да делува како силен меѓународен актер, известува Дојче Веле.

Јохан Вадефул  нагласи дека искуствата од последните недели, особено во врска со помошта за Украина и санкциите против Русија, покажуваат дека сегашниот модел не функционира доволно брзо.






„Поддржувам систем на квалификувано мнозинство во ЕУ. Сите случувања поврзани со Украина и мерките против Русија потврдуваат дека е време за промени“, истакна тој.

Во Советот на ЕУ моментално постојат два модела на гласање. Во чувствителни области, како заедничката надворешна и безбедносна политика,  важи принципот на едногласност –  односно едно единствено вето го блокира целиот процес. Наспроти тоа, квалификуваното мнозинство – засновано на т.н. „двојно мнозинство“ – веќе се применува во голем број други области. За да помине одлука, потребно е најмалку 55% од земјите-членки (15 држави) кои претставуваат најмалку 65% од населението на  ЕУ.

Иако една земја може да гласа „против“, Советот сепак останува функционален – нешто што, според поддржувачите на реформата,  би ја засилило способноста на Унијата да реагира навремено.

Повеќе министри за надворешни работи на ЕУ и во минатото повикуваа на поголема употреба на квалификуваното мнозинство, меѓу нив и поранешната германска министерка Аналена Бербок.

Актуелниот пример што ја интензивира дебатата е Унгарија, која под водство на премиерот  Виктор Орбан  го блокира 90-милијардниот кредит за Украина.  Орбан ја обвинува Украина дека го попречува обновувањето на руските испораки на нафта преку нафтоводот „Дружба“, додека критичарите тврдат дека станува збор за предизборна тактика.

Поврзани содржини