СЕ ТЕСТИРА СИСТЕМОТ Е-ФАКТУРА Даночната управа апелира да се користат само нејзините насоки
УЈП ги повика сите компании кои досега не се вклучиле, а кои развиваат и одржуваат системи за фактурирање, како и компаниите кои користат системи за фактурирање што може да ги надградуваат, веднаш да се вклучат во тестирањето.
Управата за јавни приходи соопшти дека интензивно работи на реализација на проектот е-Фактура и во моментов во тек е тестирањето на системот за електронско фактурирање, односно се тестираат сервисите за директна интеграција (API) со системот за е-Фактура.
УЈП ги повика сите компании кои досега не се вклучиле, а кои развиваат и одржуваат системи за фактурирање, како и компаниите кои користат системи за фактурирање што може да ги надградуваат, веднаш да се вклучат во тестирањето.
„Вклучувањето во оваа фаза е од особено значење за навремена адаптација пред задолжителната имплементација на системот. Во овој период на тестирање на системот до УЈП пристигнуваат информации дека одредени субјекти нудат обуки и консултантски услуги поврзани со проектот е-Фактура. Укажуваме дека исклучиво УЈП дава официјални информации, насоки, известувања и организира обуки поврзани со проектот е-Фактура и нагласуваме дека тие субјекти не се дел од проектот. УЈП не презема одговорност за информациите и толкувањата изнесени од истите. Сите информации поврзани со проектот е-Фактура се објавуваат на официјалната веб-страница на УЈП, на специјализираната веб-страница на проектот е-Фактура и на страниците на УЈП на социјалните мрежи“, се наведува во соопштението од УЈП.
За поддршка на компаниите во процесот на имплементирање на системот е-Фактура, исто така, назначени се и даночни агенти вработени во Управата и тие веќе контактираат со компаниите и даваат поддршка и совети за вклучување и понатамошно користење на системот е-Фактура.
„Апелираме сите заинтересирани страни за системот е-Фактура своите прашања и сугестии да ги упатуваат кон [email protected]. Најавуваме дека набргу ќе биде овозможено тестирање и на рачниот внес на фактури преку веб и клиентска апликација, кои се очекува да ги користат трговците кои издаваат и/или примаат мал број фактури, кои не користат системи за фактурирање или кои користат системи, но немаат можност за надградба“, се вели во соопштението ан Управата за јавни проходи.