ДАЛИ ЌЕ ЗГАСНЕ СРЕДНОТО ЗЕМЈОДЕЛСКО УЧИЛИШТЕ ВО БИТОЛА? Не се предвидени уписи за следната учебна година

Со евентуалното затворање или маргинализирање на училиштето, Пелагонискиот регион ќе остане без континуиран прилив на агрономи, советодавен кадар и стручни лица за грижа на животните – се вели во писмото на управата и вработените на училиштето.

197

Дали ќе се затвори Средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола, бидејќи не се придвидени уписи во учебната 2026-27 година, прашуваат раководството и вработените во ова училиште во отворено писмо упатено до Министерството за образование, до Центарот за развој на Пелагонсискиот регион, до Агенцијата за поттикнување на земјоделскиот развој како и до неколку здруженија на земјоделците.

„Пелагонискиот регион претставува еден од најзначајните земјоделски региони во државата, со долгогодишна традиција и значително учество во националното производство. Во услови кога земјоделството се соочува со сериозни предизвици – миграција на младото население, стареење на земјоделската работна сила, намалена заинтересираност за аграрни професии и влијание на климатските промени – од исклучителна важност е зачувувањето и унапредувањето на стручното образование во оваа област.






Особено нагласуваме дека е од суштинско значење образовниот процес за профилите од земјоделско-ветеринарната струка да се реализира во рамки на специјализирано земјоделско училиште, кое располага со соодветни услови за изведување на практична настава, вежби и теренска работа. СОЗУ „Кузман Шапкарев“ – Битола ги поседува овие капацитети, вклучително и инфраструктура, опрема и стручни кадри неопходни за квалитетно образование.

Исто така, сакаме да потенцираме дека бројот на ученици кои се запишуваат во овие образовни профили не треба да се третира исклучиво како статистички податок, туку како инвестиција во идни стручни кадри. Секој ученик претставува потенцијален агроном, советник или ветеринарен стручен кадар, кој има клучна улога во поддршката и развојот на земјоделското производство.

Со евентуалното затворање или маргинализирање на училиштето, Пелагонискиот регион ќе остане без континуиран прилив на агрономи, советодавен кадар и стручни лица за грижа на животните, што директно ќе се одрази врз продуктивноста, одржливоста и квалитетот на земјоделството“ – се вели меѓудругото во писмото со кое се бара институционална поддршка за училиштето, чие исклучување од системот на упис, како што велат авторите, ќе има далекусежни негативни последици за регионот и пошироко.

СОЗУ „Кузман Шапкарев” е воспитно-образовна институција за оспособување на стручни кадри од областа на земјоделијето и ветерината во Битола и југозападниот дел од Македонија.

Училиштето е основано во далечната 1908 година, како сточарска станица во рамки на турската империја. За време на Балканските војни и Првата светска војна прекинува со работа, за потоа прво да работи како нижо, а потоа како средно земјоделско училиште. Мал прекин во работата има и за време на Втората светска војна.

Од 1945 година работи континуирано. Во училиштето работи соодветен стручен кадар. Училиштето до сега го завршиле над 3.500 ученици од земјоделската и ветеринарната струка.

Поврзани содржини