📽️ ВРСКАТА КРАТКО СЕ ПРЕКИНА, ПА СЕ ВРАТИ Историското полетување на Артемис е нова ера за НАСА
По половина век НАСА лансира летало со астронаути кое ќе ја обиколи Месечината. Прекин во комуникацијата веднаш по лансирањето, но врската со екипажот брзо беше обновена. Мисијата Артемис II продолжува според планот.
НАСА ја лансираше мисијата Артемис II, првиот човечки лет кон Месечината по повеќе од половина век, со четворица астронаути кои полетаа од Флорида на десетдневно патување околу Земјиниот природен сателит. Ова е историски чекор што го означува враќањето на човекот во длабоката вселена по пауза од времето на мисиите Аполо.
Ракетата Space Launch System со капсулата Орион полета од Вселенскиот центар Кенеди, носејќи екипаж составен од тројца американски астронаути и еден Канаѓанец, Рид Вајзман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен. Мисијата има за цел да го тестира системот Орион во реални вселенски услови, вклучувајќи рачно управување, маневрирање во орбита и изведување на научни и технички експерименти што ќе бидат клучни за идните мисии.
Кусо по лансирањето, се појави проблем со комуникацијата меѓу астронаутите и контролниот центар. Екипажот можел да ги слушне пораките од Земјата, но контролниот центар не можел да ги слушне астронаутите, што накратко предизвика загриженост.
– Комуникацијата со екипажот е воспоставена. Активно работиме на проблемот и ќе ве информираме за понатамошниот тек – рече администраторот на НАСА, Џаред Ајзакман.
Liftoff.
The Artemis II mission launched from @NASAKennedy at 6:35pm ET (2235 UTC), propelling four astronauts on a journey around the Moon.
Artemis II will pave the way for future Moon landings, as well as the next giant leap — astronauts on Mars. pic.twitter.com/ENQA4RTqAc
— NASA (@NASA) April 1, 2026
И покрај овој прекин, мисијата продолжува според планот, а тимовите на Земјата активно го следат секој чекор од летот. Оваа мисија претставува прв човечки лет во рамки на програмата Артемис, која беше покрената во 2017 година со амбиција да се воспостави долгорочно човечко присуство на Месечината и да се подготви патот за идни мисии кон Марс.
По последната мисија Аполо 17 во 1972 година, човештвото повеќе од пет децении немаше испратено луѓе кон Месечината. Артемис II ја прекинува таа пауза и отвора ново поглавје во истражувањето на вселената, со многу понапредна технологија и поамбициозни цели.
Астронаутите ќе орбитираат околу Месечината без да слетаат, ќе прелетаат над нејзината далечна страна и ќе собираат податоци кои ќе бидат клучни за следните мисии. Овие податоци ќе помогнат во планирањето на Артемис IV, првата мисија што треба да врати луѓе на површината на Месечината.
Враќањето на Земјата ќе се одвива по таканаречената „патека на слободно враќање“, користејќи ја гравитацијата на Месечината за безбедно враќање без дополнителен погон. Завршувањето на мисијата е планирано во Тихиот Океан по десетина дена лет.