ИЗДАВАЛЕ ДОЗВОЛИ НА „ЦРНО“, РЕКЕТИРАЛЕ ЛОВЏИИ И СТРАНЦИ Членови на ловечко друштво во Неготино се „офајдиле“ со 40.000 евра
Двајца вработени во ловечко друштво во Неготино се осомничени дека незаконски издавале дозволи, наплаќале во готово и дел од парите задржувале за себе. Според истрагата, користеле и уцени за да прикријат незаконски лов и влијаеле врз сведоци. Со овие дејствија лицата нелегално се стекнале со нешто над 2,5 милиони денари.
Членови на ловечко друштво од Неготино склучувале незаконски договори за „закуп под закуп“ издавајќи дневни дозволи за лов за домашни и странски ловци. Министерството за внатрешни работи соопшти дека 56-годишник и 36-годишник се пријавени за повеќе кривични дела.
Земајќи пари на рака, иако немале договор за концесија тие успеале да го оштетат друштвото за околу 40.000 евра, односно над 2,5 милион денари.
„Во периодот од 2021 до 2025 година, двајцата како вработени во ловечко друштво „ЗЛД Вардар“ Неготино, издавале дневни дозволи за лов за ловишта ‘Корешница’ и ‘Бесвица’, иако немале договор за концесија за тие ловишта, односно направиле договор ‘закуп под закуп’ спротивно на законските одредби. Паричните средства од гости ловци, странски државјани ловци и членарината од членовите ги земале во готовина без да издадат соодветен документ.“
Според соопштението, парите што ги собирале двајцата осомничени не биле целосно евидентирани, туку делумно биле прикажувани како донации на сметката на друштвото, додека остатокот го задржувале за себе. Дополнително, преку видео надзор ги следеле активностите во ловиштата и кога ќе забележеле незаконит лов, барале пари од лицата за да не ги пријават, што укажува на систематско изнудување.
„Тоа го правеле на тој начин што кога на камерите од видео надзорот забележувале лица што вршат незаконит лов им барале одреден паричен надомест да уплатат на сметката на ловечкото друштво како донација за да не ги пријават во полиција. Потоа, Д.М. во својство на претседател на друштво, и К.М., без оправданост подигнувале пари од сметката на друштвото и ги задржувале за себе.“
Истрагата покажала и дека едниот од пријавените вршел уцени и влијаел врз сведоци во постапките, наведувајќи ги да даваат лажни искази, со што дополнително ја попречувал правдата.
Со судски наредби биле извршени претреси во домовите и службените простории, при што биле одземени документи поврзани со работењето на друштвото. Во меѓувреме, дел од членовите на управниот одбор, поради сомневањата за злоупотреби, поднеле оставки.
Пријавите се поднесени до Основното јавно обвинителство Кавадарци, а опфатени се дела како проневера, несовесно работење, уцена и попречување на правдата.