МИЛАТОВИЌ СО ПОРАКА ОД СОБРАНИЕТО Нашата визија за ЕУ не е целосна без вас

Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ од собраниската говорница порача дека визијата за членство во ЕУ е заедничка за целиот Западен Балкан.

173

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, во обраќањето пред пратениците во македонското Собрание порача дека визијата за членство во Европската Унија не е целосна без земјите од регионот, вклучително и Македонија.

Милатовиќ, кој е во прва официјална посета на земјата, истакна дека пријателството меѓу двете држави е длабоко и градено низ историјата, повикувајќи се на делата на Радован Зоговиќ и Кочо Рацин како симбол на заедничкиот дух.






Тој нагласи дека Црна Гора е блиску до членство во Европската Унија и изрази очекување дека земјата би можела да стане 28-ма членка во 2028 година.

– Нашата визија не е целосна без вас. Нашата цел е целиот Западен Балкан да стане дел од европското семејство – рече Милатовиќ.

Црногорскиот претседател потенцира дека двете земји се усогласени во надворешната политика и ги делат евро-атлантските вредности, потсетувајќи и на заедничката соработка во рамки на НАТО.

Осврнувајќи се на економските односи, Милатовиќ посочи дека постои значителен потенцијал за соработка во инфраструктурата, енергетиката и туризмот, нагласувајќи дека резултатите треба да се почувствуваат преку подобар живот за граѓаните.

Во рамки на посетата, Милатовиќ се сретна со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и со претседателот на Собранието Африм Гаши. На средбите се разговарало за продлабочување на билатералната соработка и за актуелните регионални прашања.

Од Собранието соопштија дека посетата претставува силна порака за зацврстување на односите и унапредување на регионалната соработка меѓу Скопје и Подгорица.

Поврзани содржини