ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ДА НЕ СЕ ШИРАТ НЕВИСТИНИ ДЕКА ПРОМЕНАТА НА ОБВИНИТЕЛКАТА ЌЕ СЕ ОДРАЗИ ВРЗ ПОСТАПКИТЕ Процесот за полицајците ќе продолжи каде што застанал

Јавното обвинителство апелира на внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање на јавноста, особено за предметите поврзани со кочанската трагедија, бидејќи сите јавно изнесени шпекулации и невистини за тоа како промената на јавен обвинител би можела да се одрази врз постапките кои се во тек, длабоко ги вознемируваат семејствата на жртвите, но и целокупната јавност.

405

Ниту еден започнат процес нема да трпи неоправдано одолговлекување или усложнување, а во судница ќе има јавен обвинител подготвен да го застапува обвинението, реагира Јавното обвинителство по барањето на родителите на загинатите во кочанската дискотека да се врати обвинителката Ивана Алексова Трајчева на предметот за обвинетите полицајци.

Од Јавното обвинителство велат дека по последните одлуки на Советот на јавни обвинители за избор на обвинители во ОЈОГОКК,  веќе ги презеле сите потребни чекори за да се овозможи ефикасност и непречено водење на сите тековни постапки.






„Јавното обвинителство е единствен орган и евентуална промена на јавен обвинител во текот на водењето на предметите, што може да се случи од најразлични причини, не се одразува врз динамиката и начинот на водење на постапките. Промената на обвинител судот ја нотира, а судењето продолжува онаму каде што запрело, односно нема никаква потреба за повторување на постапките.

Затоа Јавното обвинителство апелира на внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање на јавноста, особено за предметите поврзани со кочанската трагедија, бидејќи сите јавно изнесени шпекулации и невистини за тоа како промената на јавен обвинител би можела да се одрази врз постапките кои се во тек, длабоко ги вознемируваат семејствата на жртвите, но и целокупната јавност“, нагласуваат од Обвинителството.

Оттаму упатуваат повик до Здружението на новинари и до другите професионални организации да апелираат и да го гарантираат почитувањето на етичките стандарди за известување и воздржаност при јавно коментирање на вакви трагедии за да не се дозволи неосновано зголемување на болката и страдањата, односно нова виктимизација на најпогодените од овој трагичен настан.

„Апелираме и до сите останати повикани јавно одговорни чинители да придонесат за ефикасност на постапките, но и за одмереност во јавните настапи и коментари каква што налага сериозноста на последиците и колективната траума предизвикана од пожарот во ‘Пулс’. Имајќи ја предвид сериозноста на овој настан, сите јавни личности кои имаат општествено влијание треба да внимаваат да не предизвикуваат неоснован немир во јавноста преку изјави, објави на социјални мрежи или која било друга форма на јавно изразување која би била вознемирувачка. Како држава, на повредените и на семејствата на жртвите, но и на сите граѓани, им должиме законита и достоинствена судска постапка која ќе ги даде одговорите и очекуваната правда. Јавното обвинителство презема сѐ што е во негова надлежност за тоа да го испорача, без непотребни одолговлекувања и усложнувања“, се нагласува во реакцијата од Јавното обвинителство.

РОДИТЕЛИТЕ НА ЗАГИНАТИТЕ ВО „ПУЛС“ БАРААТ ДА Ѝ СЕ ВРАТАТ ПРЕДМЕТИТЕ НА ОБВИНИТЕЛКАТА ТРАЈЧЕВА Таа водеше три случаи против обвинети полицајци

 

Поврзани содржини