ИЛЈАДНИЦИ ФИРМИ РАБОТАТ БЕЗ ФИСКАЛЕН УРЕД Засилени контроли на УЈП за готовинско плаќање

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници кои вршат промет на добра и услуги со готовинско плаќање, а немаат воведено и регистрирано фискален систем на опрема да преземат итни активности за доброволна усогласеност и да извршат набавка, инсталација и регистрација на фискален апарат преку овластен оператор и согласно постапката утврдена од Управата за јавни приходи.

421

Управата за јавни приходи почнува засилени активности насочени кон субјекти кои вршат дејност и остваруваат промет без регистриран фискален систем на опрема.

Согласно службената евиденција на УЈП, во дејностите трговија на големо и трговија на мало, дејности за подготовка на оброци и служење на храна, правни и сметководствени дејности, туристички агенции и организатори на патувања (туроператори), каде што претежно се врши промет на добра и услуги кон крајни купувачи со готовински плаќања, 6.451 даночен обврзник се деловно активни и имаат вработени лица, а воопшто немаат регистрирано фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања. Од нив, 3.115 субјекти се регистрирани и за целите на ДДВ, што дополнително укажува на вршење редовна деловна активност. Активностите и контролите во првата фаза ќе бидат насочени токму кон овие активни субјекти, со цел нивно итно усогласување со законските обврски за евидентирање на готовинските плаќања.






Од страна на УЈП детектирани се уште 13.966 даночни обврзници во овие дејности без регистрирани фискални уреди, за кои УЈП ќе спроведе теренски проверки, вкрстување на податоци и други контролни механизми, со цел да се утврди дали истите реално вршат деловна активност без да го пријавуваат прометот и без да пресметуваат и плаќаат даноци. Доколку се утврди дека субјектите вршат дејност, но не го пријавуваат прометот и не пресметуваат и плаќаат даноци, покрај прекршочни, ќе бидат покренати и соодветни кривични постапки согласно закон.

Согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања секој даночен обврзник кој врши промет на добра и промет на услуги за кои плаќањето не се извршува по банкарски пат (готовински плаќања) е должен да воведе и користи одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања и задолжително да издава сметка за извршениот промет, односно услуга (фискална сметка).

Во таа насока, даночните обврзници се должни да воведат и користат фискален апарат или фискален систем на опрема; да го регистрираат истиот во Управата за јавни приходи пред започнување со вршење на промет и да издаваат фискална сметка за секоја извршена продажба на добра или услуги за која се врши готовинско плаќање.

Управата за јавни приходи укажува дека непостапувањето согласно законските одредби предвидени во Законот за регистрирање на готовинските плаќања претставува прекршок, за кој се предвидени парични глоби и запечатување на трговски објекти согласно прекршочните одредби од законот.

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници кои вршат промет на добра и услуги со готовинско плаќање, а немаат воведено и регистрирано фискален систем на опрема да преземат итни активности за доброволна усогласеност и да извршат набавка, инсталација и регистрација на фискален апарат преку овластен оператор и согласно постапката утврдена од Управата за јавни приходи.

Управата најавува дека ќе го следи усогласувањето и ќе преземе мерки во насока на целосно и задолжително исполнување на законските обврски.

Борбата за сузбивање на сивата економија останува еден од приоритетите на Управата за јавни приходи, а контролите за фискализација имаат за цел зголемување на довербата во даночната администрација, создавање ред во економијата и заштита на легалниот бизнис, наведуваат од УЈП.

Поврзани содржини