РАНО Е, ПРВО САД И ИЗРАЕЛ ДА ПАДНАТ НА КОЛЕНА Моџтаба одбил примирје предложено од 2 земји
Според неименуван ирански функционер, новиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи одбил предлог за деескалација и најавил сериозна одмазада кон нападите на САД и на Израел.
Новиот врховен лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, ги отфрли предлозите за смирување на тензиите од медијаторите од две земји.
– Не е вистинско време за мир сè додека САД и Израел не паднат на колена, не прифатат пораз или не платат репарации – изјавил Хамнеи, според висок ирански функционер цитиран од Ројтерс.
„Многу сериозна одмазда“
Според истиот извор, посредници им предложиле на иранските власти намалување на тензиите. Се разгледувал и можен прекин на огнот со САД.
Предлогот бил доставен до иранското Министерство за надворешни работи. Но новиот врховен лидер го одбил.
Хамнеи го одржал и првиот состанок за надворешна политика откако бил избран на функцијата. На состанокот, според изворот, било решено Иран да се одмазди „многу сериозно“ на САД и на Израел.
Моџтаба Хамнеи неодамна беше избран од Советот на експерти. Тој го наследи својот татко, ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен во напад.
Каде се лекува Моџтаба?
Од неговиот избор па досега не се објавени нови фотографии. Дел од иранските претставници тврдат дека тој бил полесно повреден во нападот.
Американски извори, пак, тврдат дека повредите биле посериозни.
Во етерот се јавија шпекулации дека Хамнеи е на лекување во Москва на лична покана од претседателот на Русија Владимир Путин.
Амбасадорот на Иран во Русија, Казем Џалали, ги негираше овие наводи, објави руски ТАСС.
„Теснецот да остане затворен“
Американско-израелската војна против Иран трае повеќе од две недели. Според проценките, најмалку 2.000 луѓе загинале.
Ормускиот теснец и натаму е во голема мера затворен. Тоа ги зголеми цените на енергијата и предизвика страв од нов инфлаторен бран.
Во својата прва јавна порака, прочитана на државната телевизија, Хамнеи порача дека теснецот треба да остане затворен како средство за притисок врз „непријателите на Иран“.