ДУИ ПОБАРА ОСТАВКА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УСТАВНИОТ СУД Реагираше и Вреди по одлуката за Безбеден град
Според ДУИ, дискриминација и кршење на духот на Уставот е ставот според кој СМС-пораките во рамки на системот „Безбеден град“ треба да се испраќаат само на македонски јазик, додека може да се испраќаат и на англиски, но не и на албански јазик.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Вреди реагираа на одлуката на Уставниот суд да ги отфрли иницијативите во рамки на системот Безбеден град граѓаните да се известуваат и на албански јазик.
ДУИ побара итна оставка од Костадиновски, како и од секој судија кој, според нив, ги поддржува ваквите ставови.
„Во спротивно, тој ќе сноси целосна одговорност за секоја последица што може да се појави на планот на меѓуетничките односи“, велат од ДУИ.
Според ДУИ, дискриминација и кршење на духот на Уставот е ставот според кој СМС-пораките во рамки на системот „Безбеден град“ треба да се испраќаат само на македонски јазик, додека може да се испраќаат и на англиски, но не и на албански јазик.
„Со оваа постапка претседателот на Уставниот суд ги надминува своите надлежности и брутално интервенира во правниот поредок и во меѓуетничките односи во државата“, се наведува во реакцијата на ДУИ.
Од ДУИ ја критикуваа и партијата Вреди, оценувајќи дека е коодговорна за, како што велат, антиуставните постапки на Уставниот суд.
„Кога во Владата имате слабо, заробено и потчинето претставување како Вреди, тогаш антиалбанските сили се чувствуваат охрабрени и зајакнати. Наместо да ги бранат уставните права и достигнувањата од Охридскиот рамковен договор, претставниците на Вреди во Владата избраа молк и сервилност“, се наведува во реакцијата на ДУИ.
Од Вреди исто така испратија соопштение во кое ја обвинуваат ДУИ за децениска неодговорност поради што, како што велат, сè уште се отвораат дилеми за прашања кои одамна требало да бидат затворени.
„Како легалисти сакаме да ја почитуваме нормативната максима дека пресудите на Уставен суд не се коментираат, особено од партиите, бидејќи тоа по автоматизам се толкува како политички притисок. Сепак, пред сè како луѓе, а после како партија не можеме да избегаме од впечатокот дека овој состав на Уставниот суд повеќе наликува на југословенска политичка елита отколку на највисока судска инстанца“, се наведува во реакцијата на Вреди.
Од Вреди најавија дека ќе го бранат принципот за известување на албански јазик со сите правни и институционални средства, сè до негово целосно спроведување.