КИЕВ ЌЕ ДОБИЕ МАТЕРИЈАЛИ ЗА „ВАЛКАНА РАДИОАКТИВНА БОМБА“?! Москва обвинува за таен план на Лондон и Париз

Лондон и Париз наводно работат на снабдување на Украина со валкана бомба и со средства за нејзина испорака, тврди руското разузнавање. Во соопштението на руската служба СВР се вели и дека Берлин одбил да учествува во опасната иницијатива.

145

Париз и Лондон наводно работат на обезбедување нуклеарно оружје за Украина, или барем на таканаречена „валкана бомба“, тврди руската Служба за надворешно разузнавање СВР.

Според руското СВР британската и француската елита не сакале да го прифатат поразот во Украина и затоа разгледувале екстремни мерки. Информацијата ја пренесе руската агенција ТАСС.






Во соопштението се додава дека Берлин одбил да учествува во, како што ја нарекуваат, опасната иницијатива.

Информациите на руското СВР не се потврдени од западни извори. Објавата на службата доаѓа на четиригодишнината од војната во Украина.

„Таен трансфер на компоненти“

„Киев би можел да се стреми кон поповолни услови за прекин на непријателствата ако поседува нуклеарна или барем таканаречена валкана бомб“, се вели во соопштението на СВР.

Според истата служба, Лондон и Париз наводно работеле на снабдување на Украина со такво оружје и со средства за негова испорака.

„Ова вклучува таен трансфер на релевантни компоненти, опрема и технологии од европско производство во Украина. Француската мала боева глава ТН-75 од балистичката ракета М51.1 лансирана од подморница се разгледува како опција“, наведува СВР.

Кршење на Договорот за неширење?

„Планот грубо го крши меѓународното право, првенствено Договорот за неширење на нуклеарно оружје, и носи ризик од уништување на глобалниот систем за неширење“, се вели во соопштението.

СВР тврди дека Британија и Франција биле свесни оти украинските вооружени сили немаат шанса да постигнат победа над Русија и затоа, како што наведуваат, се обидувале евентуалното нуклеарно вооружување да изгледа како домашен украински развој.

Предупредување од Москва

„Екстремно опасните планови на Лондон и Париз докажуваат дека тие го изгубиле контактот со реалноста“. соопшти руската служба.

Руската СВР додава дека нивните надежи за избегнување на одговорност се неосновани.

„Ништо скриено на крајот нема да остане неоткриено“.

Во моментот нема официјална потврда од Велика Британија, Франција или од Украина за вакви тврдења.

Што е валкана бомба?

„Валкана бомба“, позната и како радиолошка дисперзивна направа, не е класична нуклеарна бомба. Таа не предизвикува нуклеарна фисија или термонуклеарна експлозија. Наместо тоа, станува збор за конвенционална експлозивна направа во која се комбинира обичен експлозив со радиоактивен материјал.

При детонација, експлозијата го распрскува радиоактивниот материјал во околината, со цел да предизвика контаминација, паника и долгорочни здравствени и економски последици.

Ефектот на „валкана бомба“ е главно психолошки и економски, а не масовно уништувачки како кај нуклеарно оружје.

Иако непосредната експлозија може да предизвика жртви како секоја класична бомба, радијацијата најчесто би довела до загадување на одредена зона, евакуации и скапа деконтаминација.

Меѓународните организации за безбедност ја третираат како средство за тероризам, а не како стратегиско нуклеарно оружје.

Поврзани содржини