Ако имало нарачка – мора да има имиња
Ако некој политичар давал инструкции кому да се отвори истрага, кого да се притвори и кому да му се пресуди тој мора да одговара. Но ако обвинител или судија прифатил да постапува по политичка директива, тогаш и тој мора да одговара.
Нема ден, а да не излезе поранешен судија или обвинител кој јавно сведочи дека во периодот на владеење на СДСМ и ДУИ постоеле политички нарачки во обвинителството и судството. Ако е така, тогаш тоа не е тема за партиска дебата, туку за кривична одговорност.
Сериозните обвинувања што во јавноста ги изнесува ВМРО-ДПМНЕ и поранешни разрешени обвинители и судии не смеат да останат дел од дневнополитички наратив. Ако некој политичар давал инструкции кому да се отвори истрага, кого да се притвори и кому да му се пресуди тој мора да одговара. Но ако обвинител или судија прифатил да постапува по политичка директива, тогаш и тој мора да одговара.
Нема „извршував наредба“, „бев принуден да поднесам такво обвинение“ или „бев принуден така да пресудам“ како изговор во правосудството. Заклетвата не се дава на партија или на политичар, туку на Уставот и на законите.
Сведоштвото на поранешниот врховен судија Ристо Катавеновски, кој тврди дека бил разрешен откако одбил да даде позитивно мислење во предмет поврзан со Гордана Јанкуловска, бара институционален одговор. Не соопштение. Не политичка реплика. Туку формална, темелна и независна истрага.
Слични наводи и обвинувања претходно изнесуваа и поранешните обвинители Хајрулаху и Кадриу, па дури и судијата поротник Јовановски. Но наместо расчистување, следеше молк. А молкот во вакви случаи не значи стабилност, туку страв од вистината.
Ако навистина напредувале оние што слушале, а биле отстранувани оние што одбиле политички диктат, тогаш тоа не е изолиран инцидент. Тоа е систем. А систем што функционира по нарачка не е правосудство, туку механизам за пресметка.
Затоа е потребна ревизија на спорните предмети со независна комисија; проверка на кариерните унапредувања во конкретниот период; истрага за злоупотреба на службена положба од страна на политички функционери; и дисциплинска и кривична одговорност за сите што свесно учествувале во незаконити постапки.
Нема реформа без одговорност. Не декларативно. Не селективно. Туку поименично.
Ако имало нарачки – мора да има имиња.
Ако имало злоупотреби – мора да има обвиненија.
Ако имало неправда – мора да има пресуди.
Судство што се наведнува пред политичка волја не е столб на државата, туку нејзина најголема слабост. Обвинителство што гони по диктат, а молчи кога треба да постапува, не е гарант на правдата, туку инструмент на моќта. Таквото судство е срам за системот. Таквото обвинителство е срам за институциите.
И секој судија или обвинител што свесно судел и обвинувал по нарачка нема морално право повеќе да носи тога, ниту законско право да остане на јавна функција.
Правната држава не се гради со изговори. Таа се гради со кривична и материјална одговорност на сите оние кои го оскверниле правосудството