ПОПЛАКА ЗА КАЗНА ОД „СЕЈФ СИТИ“ МОЖЕ ДА СЕ ПОДНЕСЕ ВО КОЈА БИЛО ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА Нема веќе „ние не сме надлежни“

Граѓанинот може да пристапи буквално во секоја полициска станица каде тој смета дека треба - таа која му е најблиску, до која му е наједноставо да пристапи, а треба да добие одговор од полицијата во рок од 24 часа, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

175

Граѓанинот што смета дека не сторил сообраќаен прекршок, а добил налог за плаќање казна за сторен прекршок преку системот „Сејф сити“, може да се пожали во која било полициска станица, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Тој вели дека во одредени полициски станици на возачите им било кажувано дека не се надлежни и дека приговорот треба да се поднесе во најблиската полициска станица според адресата на живеење, а тоа не е точно.






– Кога беше пишуван законот и кога беше замислено ова решение, така е запишано и така ќе го имплементираме. Имаме малку потешкотии кај одредени полициски службеници, но ќе се корегира тоа. Граѓанинот може да пристапи буквално во секоја полициска станица каде тој смета дека треба. Таа која му е најблиску, до која му е наједноставо да пристапи… Така е замислен системот и така се имлементира – рече министерот Тошковски во гостување на ТВ21.

Кога граѓанин ќе дојде во полициска станица и ќе донесе документ каков и да е, полицискиот службеник е должен да го прими документот, без оглед дали е во полициска станица во Берово, Делчево, Дебар, во Гевгелија, каде било, категоричен е Тошковски.

– Секој еден полициски службеник, во секоја полициска станица е должен да го прими граѓанинот и должен е да прими каков било писмен акт кој граѓанинот ќе му го даде. Понатаму, во рамки на системот на МВР, ќе се утврди како ќе биде постапено, согласно нашите процедури и подзаконските акти – вели Тошковски.

Министерот нагласи и дека според подзаконскиот акт, во врска со поплаката граѓанинот треба да добие одговор од полицијата во рок од 24 часа од поднесувањето, на контакт телефонот што ќе го остави во полицискат станица.

Тошковски повтори дека рокот за плаќање на половина сума од казната за сообраќаен прекршок  е 8 дена, а после тоа треба да се плати целата сума.

МВР отвори посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, на приземјето во зградата на МРТВ за „Безбеден град“, кој е за поднесување барање за промена на контакт-податоците што ги доставиле граѓаните при регистрација на возилата, доколку има промена на податоците или граѓаните добиле известување со неточни податоци. Шалтерот работи секој работен ден од 8 до 17 часот.

Промена на податоците граѓаните може да извршат и низ станиците за технички преглед на возила во државата, каде што е распореден деташиран референт на МВР.

Поврзани содржини