ЌЕ СЕ УКИНЕ ГРЧКАТА РЕДАКЦИЈА НА ДОЈЧЕ ВЕЛЕ Медиумот ќе работи до крајот на годинава

Дојче веле на грчки јазик ќе престане да постои од 1 јануари 2027 година.

37

Во рамките на пошироките кратења, што произлегуваат од намалувањето на финансирањето од државниот буџет, „Дојче веле“ целосно ќе ја укине и затвори грчката програма од 1 јануари 2027 година, соопштија од „Дојче веле на грчки јазик“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во соопштението се наведува дека ќе биде укината грчката редакција што „обезбедуваше независно информирање на публиката во Грција, дури и за време на воената диктатура“.






– Функционира како значаен канал за дијалог за време на должничката криза во еврозоната пренесувајќи ги германските ставови во грчката јавност. Грција долго време е членка на Европската Унија и е стабилна демократија со разновиден медиумски пејзаж, па затоа „Дојче веле“ треба да пристапи кон кратења во овој сегмент – се наведува во соопштението.

Дополнително, во текстот објавен на „Дојче веле на грчки јазик“ пишува дека грчката програма е единствената што целосно ќе биде укината, грчкиот јазик е единствениот од вкупно 32 јазици на Дојче веле што ќе престане да постои од 1 јануари 2027 година, но и дека кратења има и во други програми, меѓутоа ниту еден друг јазик не се укинува целосно.

Генералната директорка на Дојче Веле, Барбара Масинг истакна дека „заштедите што се неопходни поради државните кратења и недостигот од компензација за договорените колективни зголемувања на платите се исклучително болни“ и дека ја ослабуваат конкурентноста во време кога силното германско и европско присуство добива сè поголемо геополитичко значење.

Поврзани содржини