МИЛИОН ЕВРА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ПАТОТ ДРАЧЕВО-КИТКА Подобра рурална поврзаност и услови за локален развој
Со вкупна должина од 6,42 километри и со ширина на коловозот од 3,5 метри, патот доби стабилна, функционална и долготрајна сообраќајна инфраструктура, објави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Реконструиран е дел од локалниот пат Драчево-мотел „Китка“, објави денеска премиерот Христијан Мицкоски на својата страница на Фејсбук.
„Проектот опфати поставување нов асфалтен слој со дебелина од 8 сантиметри, уредување на банкини од двете страни на коловозот, изградба на армирано-бетонски пропусти и потпорни ѕидови, како и оформување отворени канали, риголи, тротоари и ивичници на клучните делови од трасата. Со вкупна должина од 6,42 километри и со ширина на коловозот од 3,5 метри, патот доби стабилна, функционална и долготрајна сообраќајна инфраструктура“, објави премиерот Мицкоски.
Инвестицијата во износ од 63.537.537 денари (нешто над 1 милион евра) е обезбедена од Владата преку Министерството за транспорт.
„Овој проект има значајно влијание врз подобрувањето на руралната поврзаност, олеснување на секојдневниот транспорт и создавање услови за локален развој“, додаде Мицкоски.