ДУИ НЕКА ПОБАРА АЛБАНИЈА ДА ГО ЕКСТРАДИРА АРОГАНТНИОТ АРТАН ГРУБИ Локалниот СПАК е за на Фејсбук или за вистинска борба со корупцијата, прашува Вреди
Ако овој СПАК на ДУИ е сериозен, нека се обиде да ги истражи сопствените недопирливи - Фатон Ахмети, Арбер Адеми, Бујар Османи и многу други кои денес седат во раководството како недопирливи, соопшти коалицијата Вреди.
ДУИ во Чаир помпезно го најавува формирањето на „локален СПАК“, како да ја открила Америка, соопшти денеска коалицијата Вреди.
Но, прашањето што веднаш се поставува е: дали овој СПАК (албанска специјална антикорупциска структура) ќе го истражи и сопственото раководство или е само уште еден театар за измама на граѓаните, додава коалицијата.
„Корупцијата има познати лица: Фатон Ахмети, поради сомневања за злоупотреба на средства во ФЗО, Арбер Адеми, како министер за образование со отворени случаи за злоупотреба, Бујар Османи, за случајот „Пациент“ и многу други кои денес седат во раководството на ДУИ како недопирливи. Вреди го поздравува овој СПАК на ДУИ и сугерира дека, ако е навистина за акција, а не за спектакл, треба да ги почне истрагите токму со овие имиња. Првото нешто што треба да го направи е да воспостави комуникација со СПАК на Албанија и да побара екстрадиција на Артан Груби, симболот на ароганцијата и злоупотребата на моќ“, се вели во соопштението.
Ако овој СПАК е сериозен, се додава, нека се обиде да ги истражи сопствените недопирливи.
„Само тогаш граѓаните ќе веруваат дека транспарентноста не е фасада, туку реалност. Дотогаш, ова останува потсмев, СПАК за Фејсбук, а не за правда“, соопшти Вреди.