„ПОЛА ВЛАДА НА ЗАЕВ ВО ЗАТВОР ЌЕ ОДЕШЕ!“ Манасиевски ја пренесува шокантната изјава на Кадриу

Валентин Манасиевски ја пренесува изјавата на Лејла Кадриу за пожарот во модуларната болница, откривајќи детали за причините и можните финансиски злоупотреби.

1,384

Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, повторно ја отвори темата за пожарот во модуларната болница, повикувајќи се на изјавите на поранешната обвинителка во СЈО, Лејла Кадриу.

– Пола влада во затвор ќе отидеше затоа ме суспендираа, изјавила Кадриу за истрагата за трагичниот пожар во модуларната болница каде што загинаа 14 наши сограѓани – изјави Манасиевски.






Според него, при подготовката на модуларните болници, наместо да се подобрат стандардите на болниците, министерството и владата донеле измени на Законот за градење по итна постапка, со цел поставувањето на овие објекти да биде овозможено со минимални проверки.

– Сето тоа, по предлог на Филипче и Заев, доведе до тоа што наместо квалитетни панели со камена волна, кои не горат до 40 минути, биле ставени панели со PUR пена. Немало ниту елаборат за електрична енергија, што резултирало со експлозија и пожар – потенцира Манасиевски.

Тој додава дека Филипче ја игнорирал и понудата на директор од тетовската болница да смести ковид-пациенти во слободните спратови на болницата, бидејќи, како што рече Манасиевски, „30 милиони евра морале да бидат потрошени по секоја цена, додека за модуларните болници не биле потрошени повеќе од 300.000 евра. Прашањето е каде завршиле останатите пари?“

Дополнително, според Манасиевски, модуларната болница била поставена директно над резервоар на бензиска пумпа, што го зголемувало ризикот од поголема експлозија и повеќе човечки жртви.

– Кадриу била суспендирана откако побарала градежно вештачење за модуларната болница. Таа вели дека била суспендирана затоа што, ако ја истражела вистината, пола влада ќе завршела во затвор – истакнува Манасиевски.

Тој заклучи дека ова е пример за начин на владеење на СДСМ, со притисоци, закани и политичка контрола над судството и обвинителството, додавајќи дека ваквите злоупотреби не смее да се повторуваат на политичката сцена во Македонија.

Поврзани содржини