КИНА ВОВЕДЕ ЦАРИНИ ЗА ЕВРОПСКИ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ Се определуваат посебно за секоја компанија во опсег од 7,4 до 11,7%
На листата за новите царински стапки се најдоа компании од Германија, Франција, Белгија, Холандија, Шпанија и Италија.
Кина воведува царини за група млечни производи од Европската Унија, почнувајќи од денеска, објави кинеското Министерство за трговија.
Новите царински стапки за европските млечни производи се во опсег од 7,4 до 11,7 %, во зависност од компанијата и се далеку пониски од привремените давачки воведени во декември, кои се движеа од 21,9 до 42,7%.
Царините ќе се применуваат во текот на следните пет години за одредени видови свежо и преработено сирење, како и за млеко и павлака со поголема содржина на маснотии, кои главно се наменети за човечка потрошувачка.
На листата за новите царински стапки се најдоа компании од Германија, Франција, Белгија, Холандија, Шпанија и Италија.
Од летото 2024 година, Министерството за трговија на Кина истражува млечни производи за наводни неправедни субвенции.
Истрагата ги потврди сомневањата, а портпаролот на Министерството за трговија истакна дека е спроведена во согласност со принципите на праведност, непристрасност и отвореност.
Министерството заклучи дека млечните производи од ЕУ биле субвенционирани, што, според нив, им наштетило на кинеските производители.