НЕРВОЗАТА И ПАНИЧНИТЕ РЕАКЦИИ НА ЗАЕВ И НА ФИЛИПЧЕ ДАВААТ ДОПОЛНИТЕЛЕН СОМНЕЖ Обвинителството да истражи кој и колку профитирал од марихуаната

Како се издавале лиценците за канабис, кој стои зад компаниите, каде завршувала произведената марихуана и кој ја штител нелегалната трговија, јавноста очекува одговори, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

260

Македонија во време на владеењето на СДСМ, Зоран Заев и Венко Филипче наместо да има строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Последната заплена од околу 40 тони марихуана јасно покажува дека таканаречениот медицински канабис бил само параван за организиран криминал и за нелегална трговија со дрога. Овие количини се запленети од компании со лиценци за производство на канабис за медицински цели, токму оние лиценци кои беа издавани во времето на Заев и Филипче. Околу 70 проценти, односно околу 30 тони од запленетата марихуана потекнуваат од фирмата ЦБД Медплант од Ново Село, компанија која во јавноста се поврзува со лица блиски до СДСМ, Зоран Заев и Венко Филипче. Основач на фирмата е Христијан Котев, син на Тони Котев М’гчев, поранешен претседател на општинскиот одбор на СДСМ во Ново Село и човек близок до Заев“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.






Лиценците за производство на канабис во тоа време не се издавале според јасни и строги критериуми, туку според партиска и лична блискост со СДСМ, Заев и Филипче, се додава во соопштението.

„Паничните реакции на Заев и на Филипче по откривањето на случајот, дополнително ја потврдуваат нивната вмешаност. Нервозата кај Заев, паничните јавувања, објавите на социјалните мрежи и сомнителните движења на Филипче даваат дополнителен сомнеж. Сето тоа личи на гасење пожар, а не на однесување на луѓе кои имаат чист образ“, се вели во соопштението.

Сите овие индиции, се додваа, укажуваат на сериозна поврзаност меѓу поранешната власт и криминалот со марихуана.

„Јавното обвинителство темелно, целосно и неселективно да го истражи случајот. Како се издавале лиценците, кој стои зад компаниите, каде завршувала произведената марихуана и кој ја штител нелегалната трговија? Кој и колку профитирал? Законот мора да важи за сите подеднакво. Јавноста очекува одговори, а институциите мора да покажат дека никој не е над законот. Законот мора да важи и за Заев и за Филипче и за нивните соработници. Одговорност мора да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини