ОТИДЕ НА ЕДНА НЕДЕЛА, ЗАГЛАВИ 9 МЕСЕЦИ ВО ВСЕЛЕНАТА Астронаутката Суни Вилијамс замина во пензија една година откако се „приземји“
Вилијамс помина 608 дена во Вселената за време на три мисии. Таа го држи и женскиот рекорд за најдолго време поминато во вселенски излегувања - 62 часа престој вон МВС.
Американската астронаутка Суни Вилијамс од НАСА, една од двајцата астронаути кои непланирано поминаа девет месеци заглавени во Меѓународната вселенска станица (МВС), отиде во пензија. Националната воздухопловно-вселенска администрација вчера соопшти дека пензионирањето на Вилијамс е во сила од крајот на декември.
Нејзиниот колега од неуспешниот лет со капсулата „Старлајнер“ на „Боинг“ во 2024 година, Буч Вилмор ја напушти НАСА лани летото. Инаку, двајцата астронаути беа означени како првите луѓе кои ќе летаат со новата капсула на американската аерокомпанија. Нивната мисија требаше да трае само една недела, но поради проблемите со „Старлајнер“, космонаутите останаа таму повеќе од девет месеци. Тие конечно се вратија дома во март 2025 со капсула на „Спејс-икс“.
Вилијамс (60), поранешна капетанка на американската морнарица, мина повеќе од 27 години во НАСА, вклучувајќи и 608 дена во Вселената за време на три мисии до вселенската станица. Таа, исто така, го држи женскиот рекорд за најдолго време поминато во вселенски излегувања – 62 часа престој вон МВС.
Таа е „пионер во областа на човековите вселенски летови“, рече новиот администратор на НАСА, Џеред Ајзекмен. „Честитки за заслуженото пензионирање“, додаде тој во соопштението.
Следната мисија на „Старлајнер“ ќе биде лет до МВС со товар, без екипаж. НАСА сака да се осигури дека сите проблеми со погонските системи и другите делови на капсулата ќе бидат решени пред повторно да може да испрати астронаути на вселенскиот брод. Пробниот лет е закажан за подоцна оваа година.