СОПСТВЕНИКОТ НА БАРОТ ВО КРАН-МОНТАНА ТВРДИ ДЕКА СЀ БИЛО ПО ПРОПИС Неговата сопруга добила изгореници на раката
Двојката била сослушана во својство на „лица повикани да дадат информации“. Доколку се утврди кривична одговорност, ќе биде отворена истрага „за предизвикување пожар од небрежност и убиство од небрежност“, рече обвинителката Пилу.
Сопственикот на барот „Констеласион“ во Кран-Монтана, изјави дека инспекцијата го прегледала неговиот објект три пати во десет години и дека „сè било направено според стандардите“.
Според изјавите дадени за швајцарскиот дневен весник La Tribune de Genève, 49-годишниот Жак Морети, сопственикот на барот рекол дека „не е добро“ по трагедијата.
Жак Морети не бил во барот во моментот на трагедијата, но неговата 40-годишна сопруга била присутна и се здобила со изгореници на раката.
Тој бил испрашуван од полицијата како дел од истрагата за околностите на трагедијата и утврдување на одговорноста.
Нема извештаи што укажуваат на проблеми
На прес-конференцијата одржана денеска од страна на швајцарските власти, државниот советник Стефан Ганзер објасни дека кантоналната противпожарна служба никогаш не добила никакви извештаи за дефекти или неусогласеност во врска со зградата во која бил барот.
Сепак, наведената бројка на прегледи од страна на Морети се чини недоволна според законот. Членот 8 од кантоналната уредба за превенција од пожари предвидува дека инспекциите мора да се вршат „секоја година во објекти отворени за јавноста или кои претставуваат посебни ризици“.
Државниот советник Стефан Ганзер ја повтори оваа обврска за време на прес-конференцијата.
– Општината е одговорна за инспекција на зградата и оваа инспекција мора да се врши годишно – рече тој.
Доколку се најдат какви било дефекти, извештајот мора да се достави до властите. Според неговите сознанија, за предметниот бар неодамна не бил издаден никаков извештај што укажува на дефекти.
На прашањата за извршените инспекции во објектот, општинските власти не им одговориле на медиумите. Административните канцеларии се затворени поради празниците. Градоначалникот ги упатил медиумите на полицијата.
Брачниот пар испрашан од обвинителството
Двојката била сослушана во својство на „лица повикани да дадат информации“. Овој статус не значи дека тие се формално обвинети, но им ги гарантира правата на одбрана (како што е присуство на адвокат) како мерка на претпазливост во оваа фаза од истрагата.
Според обвинителката на кантонот Вале, Беатрис Пилу, сè уште не е утврдено кој сноси кривична одговорност за трагедијата во барот. Таа рече дека не може да каже кога е извршена последната пожарна инспекција таму.
Пилу на прес-конференција изјави дека лицата кои биле повикани да дадат информации не биле сослушани како мерка на претпазливост.
– Доколку постои ризик од бегство, може да преземеме потребни мерки, но засега не е утврдена кривична одговорност. Доколку се утврди, ќе биде отворена истрага „за предизвикување пожар од небрежност и убиство од небрежност“ – рече таа.