ИЗБРИШАНИ ПОВЕЌЕ ОД 300.000 ВЕЧНИ СТУДЕНТИ ВО ГРЦИЈА Статусот на студент не е валиден за цел живот
На 31 декември 2025 година била завршена првата фаза од процесот на прочистување на студентските регистри во грчките високообразовни институции.
Вкупно 308.605 неактивни студенти во Грција, кои биле запишани на четиригодишни студиски програми пред 2017 година и не ги исполнуваат предвидените критериуми за продолжување на времетраењето на студиите, се избришани согласно измените од конкретниот закон изгласан минатата година, информираа од Министерството за образование на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
На 31 декември 2025 година била завршена првата фаза од процесот на прочистување на студентските регистри во грчките високообразовни институции со бришење на „вечните“ студенти.
Министерката за образование, религија и спорт на Грција Софија Захараки истакна дека „со децении статусот на неактивните студенти им нанесуваше неправда на сите“, објаснувајќи дека новата рамка е флексибилна „за оние кои работат, за оние со здравствени проблеми или сериозни семејни и социјални обврски“.
– Статусот на студент не е валиден за цел живот во ниту еден современ европски универзитет. Сакаме дипломи со вредност, кои одразуваат труд, способности и посветеност. Нашата цел е модерен, екстровертен и инклузивен државен универзитет. Универзитет кој го поддржува студентот, ја гради неговата иднина и не го остава на неодредено време настрана. Не затвораме врати, туку отвораме патишта кон студии со перспектива, кредибилитет и институционална конзистентност – истакна Захараки.
Според заменик-министерот надлежен за високо образование Никос Папајоану прочистувањето на студентските регистри на грчките универзитети е „неопходен и суштински чекор кон рационализација на академскиот систем“.